Два паркирани автомобили целосно изгореле во пожар кој избувнал рано утрово, во скопската населба Карпош, во близина на близина на Технолошко-металуршкиот факултет. Од Министерството за внатрешни работи велат дека повредени нема, но изгорени се целосно два автомобила „Ауди“ и „Пежо“ со гевгелиски регистарски таблички.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира МВР.
Огнот не се проширил на останатите возила и околните објекти, иако на местото имало десетици паркирани автомобили, што претставувало потенцијален ризик за поголема штета.
Сведоци од околните згради изјавиле дека непосредно пред да го забележат пожарот слушнале звуци слични на пукање и почувствувале силен, непријатен мирис. Дел од жителите изразиле сомнеж дека пожарот можеби бил подметнат, но засега нема официјална потврда за причината, јавува Скопје1.
Во изминативе три месеци полиција евидентирала 10 изгорени автомибили низ скопските паркинзи. На 11 април, биле евидениратни три оштетени автомобили од пожар во скопската населба Битпазар.
„На 11.04.2026 во 04:24 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар во Скопје настанал пожар во патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на лице (58) од Скопје. Од пожарот се зафатени и патничко возило „бмв“ и патничко возило „фолксваген голф“, двете со скопски регистарски ознаки,“ е наведено во полицискиот билтен.
Сличен инцидент имало и еден месец претходно во Аеродром.
„На 12.03.2026 во 00:13 часот во СВР Скопје е пријавено дека на паркинг просторот пред зграда на бул.„Видое Смилевски Бато“ настанал пожар во патничко возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Д.(48) од Скопје. Од пожарот биле оштетени и патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Н.К.(74) од Скопје и патничко возило „опел мерива“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на В.А. од с.Долно Лисиче, скопско,“ велат од полицијата.
На 27 јануари, две возила од марка „ауди“ биле запалени на различни локации.
И покрај повторливите случаи на опожарени автомобили, засега нема јасен одговор од истражните органи дали станува збор за случајни инциденти или за намерно предизвикани пожари. Надлежните институции најчесто водат истраги кои завршуваат без јавноста да добие конкретен одговор за мотивите за овие инциденти
Дел од медиумите во изминативе неколку години пишуваа дека запалените автомобили се „пораки “ од затвореници кон затворската полиција, затоа што не се вклопувале во сценаријата на работењето на т.н. „затворска мафија“.


