Возачот на камионот што предизвика сообраќајка на скопската обиколница и загинаа четири лица ги исполнувал царинските услови за да помине на граница

Објавено:

Товарното моторно возило со косовски регистарски таблички што ја предизвика тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која животот го загубија четири лица влегло на граничниот премин „Блаце“, било празно и во царинската постапка нема никакви нерегуларности, кажа Бобан Николовски, директор на Македонска Царина, во вечерашното интервју на ТВ Телма.

„Сето она што е поврзано како царинска постапка за товарното моторно возило и возачот ги исполнувал сите услови кои се потребни во царинска постапка за да помине на тој граничен премин. Подоцна тоа што се случило е случај кој треба да го разгледуваат други државни институции“ – рече Николовски.

Првенецот на Националната опера и балет, баритонот Ристе Велков,, неговиот 20-годишен син Адам и две дваесетгодишни момчиња – Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов, другари на Адам, се загинатите во оваа сообраќајна несреќа.

До сообраќајната несреќа дошло кога 76-годишен возач од Косово со иницијали Б.Б. управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото преминувајќи преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од сега загинатиот Ристе Велков.

Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.