Американската војска изврши напади во понеделникот во јужен Иран врз цели меѓу кои и бродови кои се обидувале да постават мини, како и локации за лансирање ракети, во она што го опиша како „одбранбени акции“.
Нападите се дизајнирани „да ги заштитат нашите трупи од заканите што ги претставуваат иранските сили“ – наведе Американската Централна команда во соопштението, пренесе новинската агенција Ројтерс.
„Американската Централна команда продолжува да ги брани нашите сили, додека истовремено покажува воздржаност за време на тековниот прекин на огнот“, изјави капетанот на морнарицата Тим Хокинс, портпарол на Централната команда.
Понатамошни детали не беа веднаш достапни, вклучително и поконкретни информации за заканите од Иран и што ова значи за преговорите. Немаше официјален одговор од Иран, кој го испрати претседателот на парламентот Мохамад, Багер Галибаф во Катар на преговори за можен договор со САД – пишува новинската агенција „Асошиејтед прес“.
Во вторникот (26 мај), државниот секретар Марко Рубио изјави дека и покрај последните американски напади врз Иран, сепак е можен договор, додавајќи дека Ормускиот Теснец ќе биде отворен „на еден или друг начин“ – објави весникот Гардијан.
„Денес во Катар се водеа одредени разговори, па ќе видиме дали можеме да постигнеме напредок. Мислам дека има многу преговори напред-назад околу конкретниот текст во првичниот документ“, изјави Рубио пред новинарите во Џајпур за време на официјална посета на Индија.
Иран соопшти дека идното управување со теснецот преку кој обично минува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас, ќе биде прашање за кое Оман и Иран треба да постигнат договор, и дека би можеле да се воведат „такси за навигациски услуги“.


