Украинските власти покренаа кривична постапка против основачот на руската платеничка единица „Волци“, Давор Савичиќ, кој по потекло е од Босна и Херцеговина(БиХ).
Тој е обвинет за сторени воени злосторства за време на војната на Русија против Украина, објави „Укринформ“.
Савичиќ, Србин по националност, се борел на страната на самопрогласената „Донецка Народна Република“ дури и пред руската инвазија на Украина од 2022 година.
Непосредно пред почетокот на агресијата, Савичиќ го формирал платеничкиот баталјон „Волци“.
Според извештаите, единицата „Волци“ учествувала во борбени операции на територијата на Житомирската и Киевската област во 2022 година. Подоцна била трансформирана во бригада.
Истрагата го обвинува Савичиќ за злоупотреба на жителите на Киевската област за време на окупацијата на делови од регионот во февруари и март 2022 година.
Безбедносната служба на Украина, во соработка со Главната дирекција за разузнавање на Министерството за одбрана на Украина, наводно собрала докази против Савичиќ и на 22 мај официјално објавила дека е осомничен.
Савичиќ живее во Подмосковље. (Московска област).
Како што претходно утврди Радио Слободна Европа со анализа на база на податоци за пациенти од медицинските установи на Главната воено-медицинска управа на Министерството за одбрана на Русија (ГВМПУ), Савичиќ е полковник на Главната управа на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација (попозната како ГРУ).
Во јануари 2023 година, истражувачките проекти на Радио Слободна Европа „Систем“ и „Шеме“ дојдоа до голем сет на интерни документи на една од единиците „Волци“, кои се бореа во регионите Киев, Харков и Донецк.
Новинарите утврдија дека системот за регрутирање на ГРУ, под капата на таканаречената приватна воена компанија „Редут“, вклучувал најмалку 20 различни вооружени формации.
Најмалку четири члена на „Волците“, идентификувани од „Систем“ и „Шеми“, биле поранешни или активни членови на ГРУ.
Подоцна се покажа дека самиот Савичиќ има чин полковник, кој претходно се борел во приватната воена компанија „Вагнер“.


