Српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот ги продлабочи врските со Кина за време на посетата на Пекинг, додека во Србија се соочува со притисок од антивладините протести, вклучително и голем протестен собир викендов што доведе до судири.
По средбата со кинескиот претседател Си Џипинг, двајцата лидери присуствуваа на потпишување на повеќе од 20 договори за соработка во области како политиката, трговијата, технологијата и образованието, објави кинеската државна телевизија CCTV.
За време на разговорите, Си му порача на Вучиќ дека двете земји треба да ги зајакнат размената и соработката за нивното сеопфатно стратешко партнерство да се издигне на уште повисоко ниво.
„Кина ја поддржува Србија во нејзиниот развоен пат што одговара на сопствените национални услови и е подготвена да ја зајакне размената на искуства во управувањето со Србија“, го цитираше CCTV Си Џинпинг.
Си додаде и дека двете страни треба да ја прошират соработката во областа на вештачката интелигенција, дигиталната економија и зелената енергија со цел да се создадат нови двигатели на растот.
Во заедничката изјава објавена од кинеската државна агенција Хинуа се наведува дека државите не смеат да ги политизираат прашањата за човековите права, како и дека двете земји ќе промовираат суверена еднаквост, мултилатерализам и почитување на меѓународното право.
Вучиќ изјави дека Србија му придава големо значење на развојот на односите со Кина и цврсто ги поддржува клучните интереси на Кина, објави CCTV.
Си Џинпинг му додели „медал на пријателството“ на Вучиќ.
„Овој орден ги одразува заедничките успеси во симболите што ја красат мојата земја денес, изградена со Ваша поддршка – од мостови, модерни сообраќајници, инфраструктурни проекти, првата брза железничка пруга во регионот со која се гордееме, железарата во Смедерево и рудникот за бакар во Бор на кои им беше вдахнат нов живот. Не можам да замислам во мојата професионална кариера поубав ден, не можам да замислам поголемо признание. Тоа е и дополнителна обврска за мене во иднина да се грижам за нашите односи и да направам сè Србија и Кина да изградат заедница на заедничка иднина, токму како што Вие предвидовте“, напиша Вучиќ во својата објава на Инстаграм.
Вучиќ, кој ја започна петдневната државна посета на Кина во неделата, се соочува со политички притисок во својата земја. До судири меѓу демонстранти и полицијата дојде по големиот антивладин протест во саботата во Белград, на кој учествуваа десетици илјади негови противници.
Тој се обидува да ги смири масовните демонстрации кои ја потресоа неговата држава. Сепак, големата масовност на протестите укажува дека незадоволството продолжува повеќе од една година по почетокот на движењето, кое бара одговорност по смртоносниот колапс на железничка станица во ноември 2024 година.
Трагедијата стана клучна точка за пошироко незадоволство од владеењето во Србија и доведе до зголемени барања за транспарентност во земјата, која спроведуваше серија брзи инфраструктурни проекти, главно со кинески компании.
Србија формално се стреми кон членство во Европската Унија, но истовремено одржува блиски врски со Русија и Кина. Во авторски текст објавен во South China Morning Post во неделата, Вучиќ наведе дека дискусиите за Кина во Европа „пречесто се обвиени со сомнеж и стратешка анксиозност“.
„Разбирам дека секоја голема политичка заедница мора да ја штити својата иднина, но верувам дека Европа треба да пристапи кон Кина не со страв и сомнеж, туку со самодоверба и сериозна, отворена подготвеност за соработка“, напиша тој.


