Светски познатите диџеи Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат заедно на 16 август во Градскиот парк во Струмица, во рамки на одбележувањето 35 години независност на Македонија.
Настапот на диџеите ќе биде дел од низата настани што по повод 35-годишниот јубилеј од независноста ќе се организираат низ државата еден месец порано.
Портпаролката на Владата Марија Митева потсети дека одбележувањето на јубилејот ќе се реализира низ повеќе градови во државата, со цел како што рече, граѓаните да имаат можност заеднички и достоинствено да ја одбележат 35-годишнината од независноста.
„Ми претставува особена чест и задоволство што можеме еве денеска токму од Струмица, од паркот, од Градскиот парк во Струмица да најавиме уште еден грандиозен настан којшто ќе биде во рамките на одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Навистина како Влада ветивме уште од самиот почеток дека ова ќе биде настан којшто ќе се случува во повеќе градови низ Македонија, сè со цел да дадеме повеќе достапност, да имаме повеќе единство и да размислуваме за тоа како достоинствено Македонија да ги одбележи 35 години независност“, изјави портпаролката Митева.
Според Бобан Милошески од „Авалон“продукција, одбележувањето на 35 години независност е настан каков што досега не е организиран во поширокиот регион.
„Дојдовме овде во Струмица да го најавиме, за мене лично ми е најдраг настан од сите, на 16 август во недела токму тука во Градскиот парк ќе имаме заеднички настап на двајцата највлијателни ди-џеи на сите времиња, Пол Ванд Дајк и Пол Окенфолд. Мислам дека тоа е голема работа и за Македонија и за регионот. Ја избравме Струмица како град затоа што е голем и убав град и нормално е да има таков настан“, рече Милошески.
Настанот во Струмица ќе биде од отворен карактер и со слободен влез, овозможувајќи им на посетителите од цела Македонија да бидат дел од една незаборавна вечер со легендите на светската електронска музичка сцена.
Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ ќе започне на 2 Август – Илинден во Битола, а ќе заврши на 8 септември во Скопје со настап на диџејот Дејвид Гета и со концерти и настапи на големи светски и македонски уметници.



