Закани за дестабилизација на Црна Гора пред затворањето на поглавјата со ЕУ

Објавено:

Црногорските власти имаат „сериозни безбедносни оперативни информации“ дека најавеното затворање на поглавјата во пристапните преговори со Европската Унија ќе биде проследено со координирано хибридно делување, во кое се вклучени официјални лица од најмалку две држави од регионот. Ова го изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ на 27 август но не даде повеќе детали за тоа кои се тие две држави, ниту пак наведе докази за своето тврдење.

„Според нашите сознанија, таквите активности имаат за цел дестабилизација на Црна Гора, со очекувана поддршка од одредени политички актери и дел од медиумската сцена во нашата земја“, наведе Спајиќ во неговата објава на социјалната мрежа „Х“ порано позната како Твитер.

Црна Гора се стреми до крајот на годината привремено да ги затвори сите преговарачки поглавја за да ја оствари стратешката цел за членство во ЕУ во текот на 2028 година.

„Обидите за дестабилизација нема да го променат нашиот курс ниту ќе го запрат европскиот пат на Црна Гора, кој е поголем од дневниот интерес на која било политичка структура“, наведе Спајиќ на X.

Во меѓувреме годинава година дојде до засилување на тензиите меѓу Белград и Подгорица, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа. Србија го забрани влезот за повеќе црногорски новинари, откако претседателот Александар Вучиќ најави реципрочни мерки поради одлуката на властите во Подгорица да му забранат влез на главниот уредник на таблоидот „Информер“, Драган Вучиќевиќ, близок до властите во Белград.

Во Црна Гора кон крајот на мај на шест месеци беше ограничено реемитувањето на програмата на телевизијата „Информер ТВ“ од Србија. Црногорските власти наведуваат дека дел од политичките структури во Белград не се подготвени да ја прифатат Црна Гора како суверена држава. Ден пред самитот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан на почетокот на јуни во Тиват, од Црна Гора со образложение дека претставува „безбедносен ризик“ беше протерана група од околу 90 мажи, во која балканскиот сервис на Радио Слободна Европа идентификуваше поддржувачи на властите во Србија и напаѓачи на антивладините демонстранти.

Од друга страна, отворените прашања меѓу Црна Гора и Хрватска би можеле да ѝ го отежнат на Подгорица завршувањето на пристапните преговори со ЕУ.

Кога станува збор за односите меѓу Подгорица и Загреб, Хрватска инсистира на решавање на повеќе отворени билатерални прашања, меѓу кои се обештетувањето на поранешните логораши, 14 исчезнати лица од Татковинската војна, процесирањето на воените злосторства, решавањето на имотно-правните барања на хрватските државјани, разграничувањето на море, како и судбината на училишниот брод „Јадран“.