Републикански и демократски членови на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес поднесоа предлог-закон со кој од САД се бараат мерки против Србија поради „сериозно назадување“ во демократијата и владеењето на правото во земјата, како и поради соработката со Русија, Кина и Иран.
САД би требало да воведат финансиски и визни санкции за таканаречените штетни актери кои придонесуваат за дестабилизација на Западниот Балкан, се наведува во предлог-законот – во кој имаше увид Радио Слободна Европа.
Предлогот е поднесен од републиканецот Џо Вилсон (Joe Wilson) и демократот Бил Китинг (Bill Keating),членови на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом. Тие во четвртокот претставија закон кој повикува на санкции и забрани за визи за поединци кои ги подриваат демократските процеси, мирот, стабилноста и територијалниот интегритет во Западниот Балкан, пишува американскиот медиум Хилл ( The Hiil)
Според предлогот, законот ќе се вика „Закон за поддршка на владеењето на правото, изградба на институционална правда и одговорност“, односно „SRBIJA Act“ (Supporting the Rule of law, Building Institutional Justice, and Accountability Act).
Во предлог-законот санкции се бараат и за луѓето кои на Западниот Балкан учествуваат во поткопување на демократските процеси и институции, корупција, сериозни кршења на човековите права или дејствија кои ги опструираат регионалните договорот и рамки за безбедност, мир, соработка или меѓусебно признавање.
Републиканецот Вилсон по повод предлагањето на законот изјави дека „под претседателот (Александар) Вучиќ, Србија намерно сè повеќе се оддалечуваше од владеењето на правото и се приближуваше кон непријателите на слободата, како што се воениот злосторник (рускиот претседател Владимир) Путин, Комунистичката партија на Кина и терористичкиот режим во Техеран“.
„И покрај широко распространетите протести против корупцијата, владата на Вучиќ се заканува да го дестабилизира регионот и пошироко. Народот на Србија заслужува подобро“, изјави Вилсон.
Овој двопартиски притисок врз Вучиќ е во остар контраст со генерално топлите односи што долгогодишниот српски лидер ги имаше со претседателот Доналд Трамп, се објаснува во текстот на Хилл. Трамп ги смета своите напори од 2020 година за нормализација на односите меѓу Србија и Косово за еден од главните мировни успеси додека беше на функција. А Вучиќ, во мајски разговор за Breitbart News, му испрати јавен апел на Трамп изјавувајќи дека Србите во огромно мнозинство го поддржуваат американскиот претседател.
Според весникот Хил, предлог-законот на Вилсон и Китинг служи како порака на солидарност со студентските антивладини протести против корупцијата што траат веќе две години. Протестите беа предизвикани од трагедијата на железничката станица во ноември 2024 година, каде 16 лица загинаа по падот на надстрешницата. Демонстрантите тврдат дека несреќата е симптом на пошироко лошо управување со градежните проекти и корупција во власта.
„Под претседателот Вучиќ, Србија намерно се оддалечува од владеењето на правото и се приближува кон непријателите на слободата како воениот злосторник Путин, Кинеската комунистичка партија и терористичкиот режим во Техеран“, изјави Вилсон за The Hill.
„И покрај широко распространетите протести против корупцијата, владата на Вучиќ се заканува да го дестабилизира регионот и пошироко. Народот на Србија заслужува подобро.“
Китинг исто така истакна дека законот јасно бара од Вучиќ и другите српски функционери да постигнат напредок во борбата против корупцијата и да го сузбијат влијанието од Иран, Русија и Кина. „Демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата мора да останат клучни столбови во билатералните односи меѓу САД и Србија“, рече тој.
Условување на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија
Државниот секретар на САД, според предлогот поднесен од Вилсон и Китинг, треба да го обустави учеството во Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, освен ако за време на средбите во рамките на тој процес не ги покрене прашањата за односите на Србија со Русија, Кина и Иран; обезбедувањето слободни и фер избори; борбата против корупцијата, јавните набавки и реформите во владеењето на правото, како и зајакнувањето на демократското управување, слободата на печатот и слободата на собирање.
Најдоцна 10 дена пред некоја средба во рамките на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, државниот секретар е должен до Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом и Комитетот за надворешни односи на Сенатот во писмена форма да поднесе потврда дека тие прашања ќе бидат покренати, како и детален преглед на начинот на кој тој или соодветен претставник на Стејт департментот планира да ги покрене за време на средбата.
Во случај државниот секретар да не достави потврда за тие барања, според предлог-законот, ниеден официјален претставник на Стејт департментот нема овластување да учествува во Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија, ниту пак да троши одобрени буџетски средства за таа намена.
Што вели предлогот за состојбата во Србија?
Според предлог-законот, Србија бележи сериозно назадување во областа на демократијата, што е одразено во Извештајот за човекови права за 2024 година и Извештајот на Европскиот парламент за Србија за 2025 година, во кои се наведуваат значајни проблеми со владеењето на правото, независноста на судството, слободата на медиумите и корупцијата.
„Владата на Србија, под водство на претседателот Александар Вучиќ и владејачката коалиција, одговори на континуираните протести предводени од студентите и граѓаните со мерки кои меѓународните набљудувачи, Европскиот парламент и експертите на Обединетите нации ги окарактеризираа како мерки што вклучуваат прекумерна употреба на сила, апсење на демонстранти и притисок врз независните медиуми“, се наведува во текстот на предлогот.
Истовремено, се додава дека Владата на Србија води надворешна политика на продлабочување на политичките, економските и безбедносните врски со Русија и Кина, иако формално има статус на кандидат за членство во ЕУ.
Во предлогот се укажува дека падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во кој загинаа 16 луѓе, а кој многу граѓани на Србија го препишуваат на невнимание поврзано со корупција во договарањето на државната инфраструктура, бара целосна, транспарентна и независна истрага.
Наведувајќи дека САД имаат траен интерес за стабилна, демократска и суверена Србија посветена на регионалниот мир и безбедност, како и цврсто закотвена во евроатлантските институции и слободна од штетно надворешно влијание, предлог-законот бара државниот секретар да изврши притисок врз Владата на Србија за да овозможи независни и кредибилни истраги за катастрофата во Нови Сад и за обвинувањата за прекумерна употреба на сила против мирните демонстранти, како и да ги повика на одговорност сите официјални лица за кои ќе се утврди дека се одговорни.
Текстот на законот директно го прозива Вучиќ за употреба на прекумерна сила врз демонстрантите, бара истрага и одговорност за трагедијата на железничката станица и изразува загриженост за продлабочувањето на врските на Србија со Иран, Русија и Кина.
Покрај истакнувањето на врските на Белград со Кина и Русија, во текстот се наведува дека Србија и Иран ги продлабочиле технолошките и политичките врски и покрај санкциите на САД и меѓународната заедница кон Иран, како и дека Владата на Србија испрати министер во Техеран како личен пратеник на Вучиќ на погребот на поранешниот ирански врховен лидер Али Хамнеи, придружувајќи им се на делегациите од Русија и Кина во време кога мнозинството европски влади немаа свои претставници.
И EXPO во предлог-законот
Предлог-законот бара најдоцна 180 дена од неговото стапување на сила (доколку биде изгласан), државниот секретар, во координација со директорот на Националната разузнавачка служба и министерот за одбрана, да му поднесе извештај на конгресните комитети за обемот на руското политичко, економско, енергетско и безбедносно влијание во Србија.
Во извештајот треба да биде опфатен и обемот на инвестициските, инфраструктурните, како и политичките и безбедносните врски меѓу Србија и Кина, вклучувајќи ги сите импликации по интересите на НАТО и Европската Унија на Западниот Балкан, како и мерата во која блиските економски, политички и други врски на Србија со Русија и Кина ги загрозуваат интересите на САД.
Покрај тоа, државниот секретар, во координација со раководителите на другите федерални агенции, треба најдоцна 90 дена од стапувањето на сила на законот да им наведе на комитетите во Претставничкиот дом и Сенатот специфични цели за билатерално ангажирање кои го одразуваат политичкиот амбиент во Србија, вклучувајќи и проценка како Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија ќе придонесе за остварување на тие цели.
Тоа треба да вклучи и проценка во која мера надворешната и безбедносната политика на Владата на Србија останува усогласена со политиката на НАТО и ЕУ или отстапила од неа, вклучително и преку врските со Русија и Кина.
Од државниот секретар во тој контекст се бара и проценка на ресурсите и средствата кои им се на располагање на странските партнери за поддршка на независните медиуми, цивилното општество и реформата на судството во Србија; проценка дали Владата на Србија презела кредибилни чекори во истрагата за трагедијата во Нови Сад и за обвинувањата за прекумерна употреба на сила против демонстрантите; како и билатерални консултации за прашањата за корупцијата, јавните набавки и владеењето на правото, вклучително и во контекст на изложбата EXPO 2027.
Државниот секретар исто така треба во извештајот да го изложи понатамошниот пат за САД во давањето поддршка за продолжување на напредокот во дијалогот меѓу Србија и Косово под покровителство на Европската Унија.
Што може да добие Србија?
Според предлог-законот, доколку Владата на Србија преземе чекори за зајакнување на евроатлантскиот пат, вклучувајќи кредибилна и независна истрага за падот на настрешницата во Нови Сад и повикување на одговорност за прекумерната употреба на сила против мирните демонстранти, претседателот на САД треба да преземе чекори со цел унапредување на билатералните односи, вклучувајќи акции за зајакнување на демократските институции на Србија и нејзината отпорност на штетни надворешни влијанија.
Претседателот исто така треба да ја одржи и, по потреба, да ја прошири безбедносната и одбранбената соработка со Србија во согласност со усогласеноста на Србија со безбедносните приоритети на НАТО и ЕУ.
Понатаму, државниот секретар треба да настојува дополнително да ги унапреди непосредните контакти меѓу граѓаните и академската размена меѓу САД и Србија.
Вучиќ во јули најави дека ќе поднесе оставка и дека нови парламентарни и претседателски избори ќе се одржат на 18 или 25 октомври. Но, постои загриженост дали тие избори ќе бидат слободни и фер. Freedom House ја оценува Србија како „делумно слободна“, одбележувајќи дека владејачката партија постојано ги нарушува политичките права и граѓанските слободи.


