Поранешниот вицепремиер Артан Груби останува во куќен притвор со посебен надзор, откако Кривичниот суд во Скопје го прифатил барањето на Обвинителството.
Претходно изречената мерка 30-дневен домашен притвор му истекува утре, 24 април.
Груби помина два месеци во домашен притвор затоа што надлежните проценија дека ќелиите во затворот во Шуто Оризари не се доволно безбедни за него.
„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ – постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, беше наведено во соопштението на Обвинителството по реакциите од јавноста.
Според Обвинителство, за осомничениот кој по 14 месечна „приватна посета“ во Косово беше уапсен на граничниот премин Блаце во февруари годинава, доволно е одземање на пасош и куќен притвор. Неговото бегство беше пречка да почне судски процес за истрагата која пред неколку месеци беше завршена.
Груби е второосомничен со уште пет лица за проневера во Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати од над осум милиони евра. Првоoсомничениот во предметот за набавка на милионски вредни апарати за коцкање, ексдиректорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, се уште е во бегство.


