БИА го предупреди Вучиќ да не патува во Тиват поради безбедносен ризик

Објавено:

Српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) му препорача на српскиот претседател Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват поради утврден висок безбедносен ризик.

Според соопштението на БИА, препораката е донесена поради непријателски активности на странски служби и криминални групи во Црна Гора.

„Од причини од највисоко значење за задачите што ѝ се доверени на Безбедносната информативна агенција, објавуваме дека е потребно да објавиме дека поради непријателските дејствија на странски служби и криминални кланови во Црна Гора, Безбедносната информативна агенција официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора бидејќи е утврдено постоење на висок безбедносен ризик. Спротивно на сите правила на професијата и одговорниот однос, безбедносната проценка, која неколку пати беше побарана од службата домаќин на состанокот во Црна Гора, не ни беше доставена“, соопшти БИА.

Според нивните оперативни сознанија, како што пишуваат српските медиуми, во Црна Гора се наоѓа Радоје Звицер, кого српските власти го посочуваат како еден од водачите на кавачкиот криминален клан.

Звицер е црногорски криминалец од Котор, кој според истражните органи во повеќе европски земји важи за еден од водачите на озлогласениот Кавачки клан, криминална организација поврзана со меѓународна трговија со кокаин, убиства и со други облици на организиран криминал. Во 2024 година беше ставен на листата на најбарани бегалци на Европол.

И покрај предупредувањето, претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изјави дека Вучиќ не сака да го прекрши ветувањето дадено на европските партнери и дека не го откажува учеството на Самитот во Тиват.

Црногорската полицијата вчера им забрани влез во земјата на група од околу 90 лица од Србија што пристигнаа на аеродромот во Тиват со чартер-лет, поради сомнение за субверзивни активности пред Самитот ЕУ – Западен Балкан. Сите патници на летот од Белград до Тиват што се се задржани на аеродромот во Тиват при обид за влез во Црна Гора, потоа беа вратени во Белград со истиот авион со кој патувале.

Како што пишуваат српските медиуми, кај нив се пронајдени транспаренти со натпис „Србија победува“, како и радио-станица за комуникација.

Некои од приведените и претходно се поврзувани со инциденти на јавни собири и протести во Србија.

Силни безбедносни мерки се на сила во Тиват во пресрет на Самитот. Црногорски медиуми објавија дека повеќе од 1.500 полицајци ќе го обезбедуваат самитот денеска и утре во Тиват, на кој треба да се соберат над 30 делегации со учесници на највисоко политичко ниво. Меѓу нив се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, шпанскиот премиер Педро Санчез, италијанскиот премиер Џорџа Мелони и бројни други европски и регионални лидер.

Домаќин на Самитот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. За време на официјалниот дел од Самитот, фокусот ќе биде ставен на заедничките безбедносни предизвици, енергетската стабилност, спроведувањето на Планот за раст за регионот, но и на дефинирање прецизни модели за рана интеграција на граѓаните од овој дел од Европа во системот на Унијата.

Централниот дел од пленарните сесии ќе биде посветен на перспективите за проширување и финализирањето на правните чекори што треба да ѝ овозможат на Црна Гора технички да ги затвори преостанатите поглавја од преговорите до крајот на оваа година, со крајна и јасна цел да стане 28 полноправна членка до 2028 година.