Американско-израелската војна со Иран досега ги чинеше компаниите ширум светот најмалку 25 милијарди долари, анализира Ројтерс. Но, бројчаникот врти и понатаму.
Од почетокот на конфликтот, компаниите се борат со зголемените цени на енергијата, проблеми со синџирите за снабдување и трговските патишта за нафта прекинати од иранската контрола врз Ормускиот Теснец.
Анализата на новинската агенција, покажува дека најмалку 279 компании ја наведуваат војната како причина поради која мора да преземат мерки за ублажување на финансиските удари, вклучително и зголемување на цените на нивните производи и услуги и намалување на производството.
Некои ги намалуваат дивидендите, отпуштаат персонал, додаваат поголеми ставки за гориво во буџетите или бараат итна владина помош.
„Ова ниво на пад на индустријата е слично на она што го забележавме за време на глобалната финансиска криза, па дури и повисоко отколку во други рецесиски периоди“, вели извршниот директор на „Whirlpool“, Марк Бицер откако компанијата, која произведува апарати за домаќинство, ја преполови својата годишна прогноза и ја суспендираше дивидендата.
Аналитичарите сметаат дека финансиските трошоци за бизнисот ќе станат потешки за апсорбирање додека растот на компаниите забавува, а цените ја губат моќта. Со тоа се доведуваат во прашање профитите. Зголемувањето на цените веројатно ќе ја поттикнат и инфлацијата со што ќе се наруши и онака кревката доверба од потрошувачите.
„Потрошувачите се воздржуваат од замена на апаратите со купување нови. Наместо тоа, ги поправаат постоечките“, вели Бицер.
Загриженост има и кај другите компании.
Блокадата на Ормускиот Теснец ги крена цените на нафтата над 100 долари за барел што е зголемување за повеќе од 50% во споредба со цените пред војната.
Војната трае веќе три месеци. Затворањето на Теснецот ги зголеми трошоците за превоз, ги намали резервите на суровини и ги прекина трговските патишта од витално значење за протокот на стоки. Погодени се залихите на ѓубрива, хелиум, алуминиум, полиетилен и други стоки.
Според анализата на Ројтерс, една петтина од компаниите од разни гранки – од производители на козметика, гуми и детергенти, до туристички оператори со крстарења и авиокомпании, веќе претрпеле финансиски удар поради војната.
Мнозинството се со седиште во Велика Британија и Европа, каде што трошоците за енергија веќе беа зголемени и од претходно. Една третина, пак, се од Азија. Тоа само ја одразува длабоката зависност на овие региони од нафта и горива од Блискиот Исток.
Додека компаниите трпат загуби, а граѓаните се соочуваат со раст на цените на производите, нема изгледи за крај на конфликтот.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати ново предупредување до Иран дека „часовникот отчукува“ и им се закани дека подобро да реагираат брзо или „нема да остане ништо од нив“.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека САД не се согласиле да направат никакви конкретни отстапки во својот одговор на најновите предлози на Техеран за ставање крај на конфликтот, пренесе Би-би-си.


