Бугарската пејачка Дара победи на Евровизија, Софија ќе ја пречека на црвен тепих

Објавено:

Бугарија победи на 70. издание на Евровизија што се одржа во Виена и следната година ќе биде домаќин на ова музичко шоу за кое бугарската државна телевизија потврди дека ќе се одржи во Софија. Победничката песна „Бангаранга“ на 27 годишната Дара освои големи 516 поени, откако беше прва по добиените бодови од гласањето и на жирито и на публиката.

Бугарскиот премиер Румен Радев и претседателката Илијана Јотова со објави на социјалните мрежи ѝ честитаа на Дара. Градоначалникот на Софија Васил Терзиев, изјави дека за Дара ќе биде послан црвен тепих во главниот град кога ќе пристигне.

„Софија се подготвува да ја пречека Дара во црвен тепих. Ќе разговараме со тимот како да го направиме најдобриот пречек, бидејќи таа го заслужува тоа“, рече Терзиев за Нова ТВ.

Насловот на победничката песна доаѓа од јамајканскиот сленг и може да се преведе како „бунт“, „метеж“ или „хаос“. Дара ја опишува како посебна енергија што симболизира слобода и живот без страв.

На второ место e Израел со 343 поени, а трета беше Романија со 296 поени.

Која е победничката Дара? Нејзино вистинско име е Дарина Николаева Јотова, родена е во Варна.

Почнала да пее како девојче, прво изведувајќи традиционална бугарска народна музика, а подоцна се свртела кон модерната поп музика. На јавноста ѝ стана позната во 2015 година кога се пласираше во финалето на бугарската верзија на талент шоуто „Икс-фактор“. Денес е голема музичка ѕвезда во својата земја и нејзините песни и видеа имаат над 80 милиони преслушувања и прегледи на Јутјуб.

Дара минатата година настапи како предгрупа за Роби Вилијамс на концерт во Софија.

Ова е прва победа за Бугарија во историјата на Евровизија.