Кинески, руски и турски државјани и понатаму доаѓаат во земјите од Западен Балкан без визи, а потоа се обидуваат да го продолжат патот кон Европската унија, предупредува Европската агенција за гранична и брегова стража Фронтекс во најновата проценка на ризик. Во исто време, Европската унија (ЕУ) бара од земјите од регионот да ја заострат визната политика и да го затворат просторот за такви злоупотреби.
Во претходните години, кинески државјани доаѓале во регионот со авион, а потоа се обидувале да продолжат кон ЕУ, додека поединечни руски државјани, вклучувајќи Чеченци, го користеле Балканот како транзит или привремено засолниште по почетокот на војната во Украина, стои во извештајот на Фронтекс.
Фронтекс: Злоупотребите ќе продолжат
Во годишната проценка на ризик за периодот 2026 и 2027 година, објавена во јуни, Фронтекс предупредува дека миграциските движења на Западен Балкан и понатаму ќе ги одразуваат случувањата на источномедитеранската рута и дека одредени националности ќе продолжат да го користат безвизниот пристап кон земјите од регионот за да се обидат да го продолжат патот кон Европската унија.
Меѓу нив особено се наведуваат државјани на Кина, Русија и Турција, како и „носители на јордански пасоши со палестинско потекло“.
Фронтекс проценува дека притисокот ќе биде ублажен со полициски акции, сезонски фактори и одвраќачкиот ефект на насилството и киднапирањата што ги спроведуваат криумчарските мрежи, но предупредува дека злоупотребите на безвизниот пристап ќе продолжат.
Критична точка
Во истиот извештај се наведува дека неусогласената визна политика на земјите од Западен Балкан и понатаму го олеснува користењето на авионските рути кон државите од регионот како одскочна точка за нерегуларен влез во Европската унија.
Фронтекс исто така наведува дека западнобалканскиот коридор, кој води преку Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска кон Словенија и Австрија, ќе остане доминантна рута за миграциски движења што потекнуваат од источномедитеранската рута.
Проценките на невладините организации се уште поголеми. Како што објави Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, според Белградскиот центар за безбедносна политика, од почетокот на руската агресија врз Украина до крајот на 2024 година повеќе од 67.000 Руси во Србија добиле привремена дозвола за престој.
Кинезите исто така со години наназад се меѓу најбројните туристи во Србија, а за престој до 30 дена во таа земја не им е потребна виза. Кога станува збор за Косово, таа земја нема дипломатски односи со Кина, со оглед на тоа што Кина не ја признава независноста на Косово. Граѓаните на Кина не можат да влезат на територијата на Косово без виза. Истото важи и за руските државјани – без виза не можат да престојуваат на Косово.
Северна Македонија исто така бара визи и за државјани на Кина и за државјани на Русија.
Говорејќи за безбедносниот аспект за РСЕ, Денис Авдагиќ, надворешнополитички аналитичар од загрепскиот Институт за нови медиумски стратегии, истакнува дека не може да проценува поединечни случаи на злоупотреба на безвизниот режим, но вели дека руските државјани и порано биле поврзувани со хибридно делување.
Западен Балкан не може да биде исклучок
Авдагиќ вели дека усогласувањето на визната политика е барање што ЕУ го поставува на сите држави кандидатки, поради што ни земјите од Западен Балкан не можат да бидат исклучок.
Тој нагласува дека е јасно оти воведувањето визен режим не е политичка желба на поединечни држави.
„Ако тоа веќе сте го поставиле кон останатите и ако останатите го прифатиле барањето за усогласување на визните режими со земјите членки на ЕУ, тогаш работите се сосема јасни“, вели Авдагиќ.


