Иран ќе го промени своето оружје и „географијата на војната“ доколку САД извршат нов напад врз земјата, соопшти Иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Портпаролот на ИРГЦ, Хосеин Мохеби, изјави дека светот ќе биде изненаден, додавајќи оти нивните цели веќе не се исти како порано, односно дека идентификувале нови цели што досега не биле нападнати.
Тој нагласи дека Иран е подготвен за долготрајна војна и оти примарната мисија на војската е да ја брани земјата. Мохеби тврди дека американската доминација во регионот е завршена и оти Иран, а не Вашингтон, го обликува новиот регионален поредок.
Овие изјави доаѓаат во услови на зголемени тензии меѓу Иран и САД околу Ормускиот Теснец. Двете земји и натаму имаат големи несогласувања околу пловидбата низ овој стратегиски воден пат, низ кој пред војната минуваше околу 20 проценти од светската потрошувачка на нафта.


