Претседателите на Кина, САД и на Русија – Си Џинпинг, Доналд Трамп и Владимир Путин денеска на маргините на самитот на АПЕК треба да разговараат за војните во Украина и Иран, трговијата и нуклеарното оружје.
Самитот на АПЕК во Шенжен многумина го нарекуваат историски, бидејќи на него учествуваат тројцата лидери.
Иако на оваа средба ѝ се придава големо значење, дури и американските претставници се обидуваат да ги намалат очекувањата.
Се очекува Пекинг внимателно да управува со трилатералната средба за таа да претставува симболичен момент за сите тројца лидери, но истовремено да не го засени главниот настан – самитот на АПЕК.
Трамп најави дека на средбата има намера да разговара за намалување на светските залихи на нуклеарно оружје. Иако не се очекува постигнување непосреден договор, самитот би можел да го отвори патот за подетаљни преговори.
„На средбата на лидерите ќе разговараме за тоа како дополнително да ги отвориме нашите економии едни кон други. Ќе истражиме начини за поттикнување на растот преку иновации и ќе бараме можности за соработка во низа сектори. Со нетрпение очекувам да разговараме за нашите планови за соработка во азиско-пацифичкиот регион“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Очекувам значителни потенцијални придобивки од претстојната трилатерална средба на лидерите на Русија, Кина и Соединетите Американски Држави. Сметам дека економската дипломатија има клучна улога во создавањето разбирање и доверба во рамките на АПЕК“, порача рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе одржи одделна средба со рускиот претседател Владимир Путин, покрај претходно закажаниот трилатерален самит со кинескиот претседател Си Џинпинг, потврди за ДПА претставник на американската влада.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа во август 2025 година во Енкориџ, во американската сојузна држава Алјаска, каде што разговараа за руската војна против Украина.
Трамп се обидува да дејствува како посредник за војната што побрзо да заврши, но често е обвинуван дека е премногу близок со Русија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин присуствуваа на свечена вечера во кинескиот град Шенжен, во пресрет на првиот трилатерален самит на лидерите на трите земји.


