Истражувања: Кој ги одгледува и воспитува наводните синови на Путин и Кабаева?

Објавено:

Рускиот претседател Владимир Путин и неговата наводна партнерка Алина Кабаева ангажирале најмалку 20 странски гувернантки, наставници и други негуватели за да помогнат во одгледувањето на две момчиња за кои се верува дека се нивни синови, објави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Вработените се главно од западни земји, вклучувајќи неколку државјани на НАТО членки кои се во длабок конфликт со Москва поради војната во Украина.

Според истражувањето на „Система“, руската истражувачка единица на Радио Слободна Европа, „семејството трошело стотици илјади долари годишно за да ги задржи помошниците кои се грижат за децата и ги подучуваат на англиски и германски јазик“. Руската истражувачка единица „Система“, за ова, се повикува на документи и преписки што ги прегледале нејзините новинари.

Документите го покриваат периодот од 2017 до почетокот на 2026 година и вклучуваат широк спектар материјали поврзани со барање, вработување и работа на негувателите, како и договори, е-пораки, фотографии и извештаи што странците ги поднесувале за нивните секојдневни активности со децата.

„Документацијата дава детален увид во еден аспект од многу тајновитиот наводен семеен живот на Путин и Кабаева, олимписка шампионка во ритмичка гимнастика од 2004 година, за која широко се известува дека е неговата долгогодишна партнерка и мајка на Иван, роден во 2015 година, и Владимир, роден во 2019 година“, објави „Курент тајм“.

Воспитување без наметнување религија и без теми за ЛГБТИ

За „одгледувањето и образованието на наводните синови на Путин“ пишува и украинскиот „Јунајтед 24 медиа“.

„Туторите живееле заедно со децата во резиденцијата на Путин во регионот Валдаи. Како резултат на тоа, тие биле обврзани да одржуваат строги здравствени стандарди и редовно да подлежат на медицински прегледи. Условите во договорот за воспитувачите вклучувале список на забранети теми. Строго им било забрането да наметнуваат религиозни, политички или идеолошки ставови на децата, а исто така им било наложено да не дискутираат за теми поврзани со сексуално образование и ЛГБТ+“, објави „Јунајтед 24 медиа“.

И украинскиот сервис на „Дојче веле“ последниве два дена објавува на оваа тема.

„Во периодот од 2017 до 2026 година со нив работеле околу 20 ‘специјалисти’ од Велика Британија, Нов Зеланд, Германија, Австрија и Ирска, откриле новинарите. Само во јануари оваа година за плата на трите гувернантки на овие деца биле потрошени најмалку 3,5 милиони рубљи“, пишува Сервисот.

„Досие“: Информацијата е од извор во кабинетот на претседателот

„Дојче веле на украински“ и пред две години ја актуелизираше темата, повикувајќи се на објава на истражувачкиот центар „Досие“, кои ги обработувале материјали поврзани со наводните синови на Путин, а објавени од основачот на овој центар – рускиот олигарх Владимир Ходорковски во 2024 година.

„Центарот ‘Досие’, основан од поранешниот руски олигарх, а сега опозиционер Михаил Ходорковски, објави материјал за двајца наводни синови на претседателот на Русија, Владимир Путин, и олимписката шампионка Алина Кабаева. Во публикацијата од 4 септември 2024, се наведува дека информацијата е добиена од извор од персоналот на претседателските резиденции. Новинарите тврдат дека ја провериле биографијата на соговорникот и се увериле дека ‘тој навистина работи во семејството на Путин’. Деталите од неговата приказна истражувачите ги верификувале со помош на објави на социјалните мрежи, банкарски извештаи и податоци од државни бази“, објави украинскиот сервис на „Дојче веле“ пред две години.

Огласи преку агенцијата „English Nanny“

Според центарот „Досие“, во 2024, новинарите, на веб-страницата на агенцијата „English Nanny“, која обезбедува услуги за богати руски семејства, откриле оглас за вработување во ‘претседателското семејство’.

„На почетокот на годината таму барале наставници по англиски јазик за двајца момчиња на возраст од четири и осум години, што одговара на возраста на синовите на Путин. Им нуделе плата од 7700 евра месечно и им забранувале да ја напуштаат територијата каде што живее семејството“, објави тогаш „Досие“.

Во истрагата од 2024, за која објави „Дојче веле“, се наведува дека наставниците се регистрираат преку ‘Мој медицински центар’ – мрежа приватни клиники во кои се лекувале платеници од руската приватна воена компанија (ПВК) ‘Вагнер’ и познаници на Путин. Истражувачите верификувале една таква наставничка по германски јазик, која работи во семејството на Путин веќе четири години.“