Италија ќе го забрани носењето бурки и никаб во училиштата и ќе го ограничи бројот на странски ученици во секој клас, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Италија е на првата линија на миграциските текови, а интеграцијата се појавува како водечко прашање во кампањата пред парламентарните избори во земјата во следната 2027 година.
„Наскоро на владина седница ќе биде презентирана мерка за законско утврдување на максималниот број странски ученици во една паралелка. Таа, исто така, ќе ги обврзе родителите на странски деца кои имаат сериозни тешкотии при интегрирањето во училишниот систем да учат италијански јазик, а исто така ќе ги забрани и бурките и никабот во училиштата“, изјави Мелони на состанокот на младинската организација на нејзината партија „Италијански браќа“.
Во јули, партијата „Национална иднина“ повика да се ограничат бурките во училиштата. Партијата не е дел од владејачката коалиција и е позиционирана десно од партијата на Мелони. Од нејзиното формирање во февруари, таа бележи нагло зголемување на популарноста во анкетите на јавното мислење и стана сериозен ривал на политичката сцена во Италија.
Во Италија не постои закон што експлицитно ја забранува бурката во училиштата или на јавните места. Сепак, закон од 1975 година забранува носење облека што го отежнува идентификувањето без основана причина.
Во 2008 година, највисокиот административен суд во Италија пресуди дека превезот што го покрива цело лице може да се носат од религиозни или културни причини, сè додека лицето е откриено за време на проверка на идентитетот.
Антиимигрантската партија „Лига“, која е дел од коалицијата на Мелони, претходно оваа година поднесе закон во Сенатот за забрана на кациги и облека што го покрива лицето. Исклучоци се предвидени во одредени околности, вклучително и за време на спортски настани или во места за богослужба.
Ограничување на бројот на странски ученици во клас веќе постои во италијанскиот закон. Мелони не прецизираше како ќе се промени.
Странските ученици сочинуваат нешто помалку од 12 отсто од вкупно запишаните во италијанските училишта, според податоците од Националниот институт за статистика.
Од 2010 година, нивниот удел е ограничен на 30 отсто од учениците во класот и од вкупниот број на дипломирани студенти во едно училиште.
Горната граница може да се зголеми кога странските студенти добро го владеат италијанскиот јазик, вклучително и ако се родени во Италија. Бројот може и да се намали ако децата добро не го владеат италијанскиот јазик.


