Израел ќе ја задржи „безбедносната зона“ во Либан колку што е потребно

Објавено:

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската армија ќе ја продолжи окупацијата на „безбедносната зона“ во јужен Либан долж израелската граница „колку што е потребно“.

„Воспоставивме безбедносна зона во Либан и ќе ја задржиме сè додека е потребно за да го заштитиме нашиот народ“, рече Нетанјаху на конференција во Ерусалим.

Лидерот на Хезболах, Наим Касем претходно изјави дека Израел нема да остане во Либан, додавајќи дека неговата група ќе одговори на какво било прекршување од страна на Израел.

И министерот за одбрана на Израел, Кац вчера рече дека израелските сили можат да дејствуваат „без никакви ограничувања“ за да ги „отстранат заканите“ во Либан, потврдувајќи дека ќе останат во делот од територијата што ја зазедоа на југот од земјата, што Израел ја нарекува „безбедносна зона“.

„Никогаш немало и во моментов нема ограничувања што би ги спречиле војниците да дејствуваат за да ги елиминираат заканите во Либан“, рече израелскиот министер за одбрана, Израел Кац. 

Изјавите дојдоа откако израелските власти изјавија дека нивните трупи се слободни да дејствуваат без ограничувања за да ги елиминираат заканите во Либан и покрај договореното примирје што стапи на сила во петокот.

Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со нови напади ако Хезболах не го спречи „предизвикувањето проблеми“, додека континуираните борби меѓу Израел и милициите поддржани од Иран продолжуваат да ги загрозуваат разговорите меѓу Вашингтон и Техеран.

Иранската делегација вклучена во разговорите со американските претставници во Швајцарија изрази протест поради заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да нареди нови напади врз Иран, ако Хезболах во Либан продолжи да „предизвикува проблеми“, објави иранската државна новинска агенција Иран.