Ако жителите на Исланд претстојниот викенд гласаат за продолжување на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), тоа ќе го промени и рангирањето на водечките земји во процесот за зачленување во блокот. Исланд се издвојува како многу специфична земја, бидејќи веќе во голема мера е интегриран во ЕУ и е дел од многу европски политики. Исланд е земја членка на Европскиот економски простор и на Шенген-зоната.
За разлика од другите традиционални земји кандидатки, Исланд нема потреба радикално да го менува својот правен, правосуден или политички систем за да ги исполни основните барања на ЕУ.Тоа значи дека враќањето на Исланд во процесот за членство директно би влијаело врз двете земји кои во моментов се сметаат за лидери во процесот на интеграција: Албанија и Црна Гора, кои ги заземаат првото и второто место на листата.
Овие две земји гледаат на референдумот како на уште еден знак за тоа колку Европската Унија е привлечна за земјите кои не се нејзин дел. Соговорниците на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Тирана и Подгорица сметаат дека одржувањето на овој референдум докажува дека европскиот проект продолжува да биде атрактивен и е од стратешко значење за земјите од континентот.
Исландските граѓани ќе излезат на гласање на 29 август во референдум на кој ќе одлучат дали сакаат земјата да ги продолжи преговорите за членство во 27-члениот блок.
Изидот од референдумот е исклучително неизвесен. Последните анкети покажуваат дека исландските гласачи се силно поделени, речиси на работ на нож, додека продолжувањето на преговорите го поддржува тесно и сè помало мнозинство.
Гласањето е од советодавен карактер и се однесува исклучиво на повторното отворање на преговорите, а не и на конечната одлука за членство во ЕУ.
Што велат во Тирана и Подгорица?
Албанија и Црна Гора, кои се длабоко во процесот на преговори за членство, позитивно гледаат на референдумот во оваа нордиска островска земја сместена меѓу Европа и Северниот Атлантик.
Министерството за надворешни работи (МНР) на Албанија наведува дека референдумот се смета за суверено и демократско изразување на волјата на исландските граѓани за одредување на односот на нивната земја со Европската Унија.
„Секоја европска земја има право да го избере сопствениот пат кон европската интеграција. Од наша перспектива, фактот што земја со висок степен на развој, консолидирани институции и длабока економска интеграција со Европа се враќа на ова прашање и повторно разгледува дополнително приближување кон Европската Унија докажува дека европскиот проект продолжува да биде атрактивен, кредибилен и стратешки за земјите од континентот“, изјавија од албанското МНР за РСЕ.
Mинистерка за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, вели дека Подгорица го поздравува секој чекор што ја прави Европа пообединета и посилна, како и дека референдумот во Исланд внимателно се следи, притоа почитувајќи ја одлуката на исландските граѓани.
„Во интерес на Црна Гора е Европската Унија да биде силна и стабилна, а верувам дека политиката на проширување придонесува токму кон тоа. Затоа, го поздравуваме секој нов чекор кон проширувањето и ги поддржуваме европските аспирации на земјите кои со Црна Гора ја споделуваат посветеноста за постигнување на европските стандарди и вредности, како и припадноста кон европското семејство“, изјави Горчевиќ за РСЕ.
Црна Гора и понатаму е прва на патот кон ЕУ, со затворени 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја.
Исланд, кој ги започна преговорите за пристапување во 2010 година, а ги суспендираше во 2013 година, има 11 привремено затворени преговарачки поглавја.
„Црна Гора денес е најнапредниот кандидат за членство и е одлучна да го заврши својот дел од работата за да стане 28-ма членка на Европската Унија. Но, ние никогаш не сме гледале на европскиот пат како на натпревар во кој напредокот на една земја оди на штета на друга“, нагласува Горчевиќ.
Албанија, во случај на позитивно гласање на референдумот, автоматски би го изгубила второто место на листата на водечки земји, бидејќи Исланд би влегол во трка со Црна Гора, со реална можност да ја претекне оваа земја, бидејќи е поподготвен за членство од која било друга земја кандидат.
„Процесот на проширување не го гледаме како игра со нулта сума, каде што напредокот на една земја претставува загуба за друга. Напротив, позитивниот резултат во Исланд би можел да создаде нов политички замав на европско ниво за дебатата за проширувањето и да го зајакне уверувањето дека Европската Унија останува најуспешниот политички, економски и геополитички проект на континентот“, изјавија од албанското МНР за РСЕ.
Од Тирана нагласуваат дека колку што е поголем политичкиот консензус во Европа во корист на проширувањето, толку попозитивен станува политичкиот амбиент за сите земји кандидатки кои сериозно инвестирале во овој процес, вклучително и Албанија.
Исланд, Црна Гора и Албанија и диспропорцијата со буџетот на ЕУ
Исланд, од една страна, и Црна Гора и Албанија, од друга страна, би имале речиси спротивен однос кон буџетот на ЕУ.Доколку Исланд и се приклучи на ЕУ, тој би бил третата најбогата земја членка според приходот по глава на жител и би бил нето-придонесувач во буџетот на Европската Унија.
Членството на оваа земја би било лесно апсорбирано од страна на ЕУ, бидејќи станува збор за мала земја според бројот на жители, со речиси 60 проценти помалку население од Црна Гора.
Суштинската разлика меѓу овие земји лежи во нивниот однос кон европскиот буџет. Исланд, како една од најбогатите европски земји, најверојатно би бил нето-придонесувач во буџетот на ЕУ, додека Црна Гора би била нето-корисник. Значително посиромашна, но шест пати поголема од Исланд, Албанија исто така би била нето-корисник на средствата од ЕУ.
Нето-корисникот на буџетот на ЕУ добива повеќе средства отколку што уплаќа во него, додека нето-придонесувачот плаќа повеќе отколку што добива од него.
Општо земено, побогатите земји со повисок бруто-домашен производ придонесуваат повеќе во буџетот на ЕУ, додека посиромашните земји имаат поголема корист.
Тоа го прави Исланд необична земја кандидат, бидејќи неговото членство би значело проширување на ЕУ со релативно богата земја, а не само со нова земја која би била голем корисник на европските фондови.


