Пратениците во косовскиот парламент го одобрија предлогот на Владата за испраќање припадници на Косовските безбедносни сили (КБС) во Газа, како дел од Меѓународните сили за стабилизација, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Предлогот, за кој беше потребно двотретинско мнозинство, беше одобрен со 89 гласови „за“, без ниту еден „против“ и без „воздржани“.
За да стапи на сила, одлуката сега треба да ја потпише претседателката на Косово, во овој случај вршителката на должност, Албулена Хаџиу, која е членка на владејачката партија Самоопределување.
Да испрати сили во Газа подготвена е и Босна и Херцеговина. Министерот за одбрана Зукан Хелез вчера (17 април) разговарал на оваа тема на состанок во Вашингтон со Стенли Браун, шеф на Канцеларијата за политичко-воени прашања во американскиот Стејт департмент.
„Подготовките за оваа мисија се во напредна фаза и очекуваме повеќе од 60 припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина да учествуваат во неа. Ова претставува значаен придонес на нашата земја кон меѓународниот мир и безбедност“, вели Хелез во писмена изјава.
Учеството на БиХ во силите во Газа беше одобрено од Претседателството на БиХ во јануари.
Меѓународните сили за стабилизација, во рамки на кои би делувале босанските и косовски трупи, се механизам создаден како дел од иницијативата Одбор за мир, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, со цел постигнување светски мир.
Засега нема јасна слика како би се распоредувале трупите и во колкав број ќе бидат во Газа.
Тие би требало да се распоредат по завршувањето на војната која на оваа територија започна во октомври 2023 кога Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, го нападна Израел кој потоа почна низа напади кон Појасот Газа.
Фото: Mohammed Ibrahim/unsplash


