Мицкоски за преговорите со Украина и Молдавија: Нивната опозиција не работи за туѓи влади

Објавено:

Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавата дека од јули, Европската Унија почнува преговори со Украина и со Молдавија.

„И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станува збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици. Тоа не го направи претходната влада, која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија за да остане на власт“, рече Мицкоски.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, потврди дека ЕУ е подготвена од јули да ги отвори сите поглавја од пристапните преговори со Украина и Молдавија. Процесот на пристапување би можел да трае со години. 

Кос оцени дека тоа е првиот голем чекор откако двете земји добија кандидатски статус пред три години, но додаде и дека до крајот на годинава може да завршат пристапните преговори и со Црна Гора.

Премиерот Мицкоски пак вели дека Владата ќе продолжи да работи и да испорачува реформи. Тој уверува дека земјава ќе го добие тоа што го заслужува.

„Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото“, убеден е Мицкоски.

СДСМ: Мицкоски се крие зад Украина и Молдавија за да го сокрие сопствениот неуспех

На изјавите на премиерот реагираа од Социјалдемократскиот Сојуз. Од оваа партија велат дека македонската опозиција не работи против државата, туку како што наведуваат, против политика која Македонија ја држи надвор од Европа, која ја штити корупцијата и која личните и партиските интереси ги става над националните.

„Споредбата со Украина и Молдавија е срамна. Владите во тие земји не работат за Александар Вучиќ, не го блокираат сопствениот европски пат заради интересите на криминални структури и руски влијанија. Тие не соработуваат со Виктор Орбан, не земаат кинески кредити преку трети држави и не испраќаат членови на владата да преговараат за интереси на Кина, додека нивните земји се членки на НАТО. Неговите споредби со Украина и Молдавија се само евтин и неуспешен обид да го прикрие сопствениот страв од Европската унија и сопствениот политички неуспех“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Услов за отворање на пристапниот процес на преговори на Македонија со Унијата, е усвојување на уставните измени со кои државата треба да го вметне бугарското малцинство во Преамбулата.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за МИА, деновиве порача дека ЕУ треба да подразмисли за методологијата на преговорите, односно дека не може, таа да биде „молчи и слушај“ укажувајќи на „двојните стандарди со кои Европската Унија се однесува како ексклузивно друштво што заповеда да се смени Уставот“.

Иако меѓународните претставници постојано повторуваат дека уставните измени се клучот за отворање на преговорите, Сиљановска-Давкова по средбата во Софија на 10 јуни со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова изјави дека Бугарија нема барања само за уставните измени, туку и за историската комисија. Од кабинетот на Јотова, пак, по средбата објавија соопштение во кое го потенцираат условот за внесување на Бугарите во Уставот.

Односите меѓу две држави се затегнати од 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик.

Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес.

За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.

Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.