Нов почеток за автопатот Скопје – Блаце: 10,5 километри треба да бидат готови за 4 години

Објавено:

По шест години во кои беа изградени само околу два километри кои завршуваа во провалија и беа функционални, повторно свечено почна изградбата на оваа стратешката делница – автопатот Скопје – Блаце. Тој треба да донесе поврзување на државата со Косово, но и со Црна Гора, како и нејзино отворање кон две пристаништа – Драч и Бар.

Косово го изгради својотдел од автопатот „Арбен Џафери“ – од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години. Тој е во функција веќе седум години.

Со свечено поставување камен-темелник денеска, 26 август, повторно почна изградбата на автопатот Скопје-Блаце, кој треба да ја поврзе државата со Косово.

Рокот за изградба е четири години и тој треба да се спои со веќе изградените речиси два километри во близина на граничниот премин „Блаце“. На делницата ќе има 40-тина објекти – пет тунели, 8 моста, 11 потпорници, четири галерии и 9 потпорни ѕида. И во двата правци автопатот ќе има по две сообраќајни ленти и лента за застанување. Вкупната ширина ќе биде 27,5 метри.

Како што е познато од претходно, вкупната инвестиција е вредна 235 милиони евра или во просек еден километар ќе чини 22,3 милиони евра.

Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант-средства за проектантите Hill International и ADT Omega.

Изградбата ја доби конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“.

На свеченото поставување камен-темелник присуствуваа премиерите на Македонија и Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, како и други министри, амбасадори итн.

Првиот старт во 2020 година – делницата заврши во провалија

Автопатот еднаш имаше официјален старт на градба во 2020 година. Тогаш, за да се забрза изградбата, беше поделен на две делници: едната од граничниот премин до клучната Блаце, а другата од клучката кај спортскиот аеродромот „Стенковец“ до селото Блаце.

Но, за шест години се изградија речиси два километри, кои не беа во функција бидејќи завршуваа во провалија.

Проектот за доизградба на останатите беше на евалуација по што од ЕБОР ја информираа власта дека постапката е завршена.

Мицкоски и Курти задоволни – ќе има подобро поврзување меѓу граѓаните и државите

Премиерот Мицкоски во обраќање на денешното поставување камен-темелник рече дека овој проект бил приоритет на Владата од нејзиното формирање пред 25 месеци. Почетокот, рече е историски ден затоа што изградбата станува реалност иако повеќе од две децении проектот бил претставувал и најавуван, но не бил реализиран.

„Ќе биде од особено значење за граѓаните на нашите две земји, Република Косово и Македонија, ќе значи подобро поврзување, подобар транспорт и размена, нешто што е исклучително важен атрибут во 21 век и е во корелација со стратешките приоритети на Владата – бидејќи како држава не излегуваме на море, да бидеме крстосница на два значајни европски коридори: 8 и 10“, рече Мицкоски.

Курти, пак, оцени дека автопатот Скопје – Блаце е модерна врска меѓу двете земји.

„Многу поважно од зајакнувањето на ифраструктурната врска помеѓу Косово и Северна Македонија е тоа што ќе се скрати далечината, ќе се олесни протокот и ќе се создадат нови можности за соработка меѓу граѓаните и економиите на нашите земји“, рече косовскиот премиер.

Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ – од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години. Тој е во функција веќе седум години.

Зошто е значаен овој проект?

Носител на проектот за изградба на автопатот е Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Неговиот директор, Коце Трајановски вели дека тој ќе биде темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа.

„Правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на ‘Гранит’ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што нè поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и со Србија преку Косово“, рече Трајановски. 

На значајноста се осврна и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски оценувајќи дека со овој автопат државата се отвора кон најмалку две пристаништа – покрај дополнителното отворање кон Драч, се отвора и кон пристаништето во Бар.

„Да ја искористиме нашата уникатна положба, каде што два паневропски коридори – Коридорот 8 (Исток – Запад) и Коридорот 10 (Север – Југ) се пресекуваат, а на нив се надградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6, кој води од тука, и на тој начин да можеме државата да ја направиме срце на Балканот“, рече Николоски.

Покрај теренската изведба, за овој проект потребно е да се заврши и експропријацијата на земјиштето каде ќе минува трасата. Таа, според Трајановски, досега е завршена 60% и тој очекува за еден до два месеци да заврши целосно.