Поранешниот министер за надворешни работи на Унгарија во владата на Виктор Орбан, Петер Сијарто, бил загрижен и му нудел помош на рускиот колега Сергеј Лавров во период кога озлогласената платеничка војска Вагнер имаше бунт против руското воено раководство и претседателот Владимир Путин.
Ова го покажува транскрипт од телефонски разговор помеѓу двајцата министри што го објави истражувачкиот портал VSquare.
Станува збор за разговор од пред три години. На 23 јуни, платеничката војска Вагнер, на Евгениј Пригожин, крена бунт што во првите неколку часа наликуваше дека Русија е на раб на граѓанска војна. Имаше информации и дека Путин ја напуштил Москва. Меѓутоа, поголема ескалација не се случи. Пригожин набргу потоа загина под сомнителни околности кога патничкиот авион „Ембраер 600“ со кој се превезуваше се урна северно од Москва.
За време на бунтот, според пишувањето на порталот VSquare, Сијарто му се јавил на Лавров да ја изрази својата загриженост и да му понуди помош на Лавров.
Порталот го објави и следниот транскрипт од тоа како течел разговорот:
Сијарто: Здраво. Само сакав да бидам сигурен дека ја контролирате ситуацијата и дали сте добро?
Лавров: Ние целосно ја контролираме ситуацијата. Претседателот кажа сè што е потребно. Не грижете се, ние ќе се погрижиме за тоа.
Сијарто: Дали успеавте да го запрете нивното напредување кон Москва?
Лавров: Армијата ја држи ситуацијата под контрола. Не следам настани во живо. Армијата точно знае што да прави.
Сијарто: Значи, тоа се лажни вести дека претседателот и премиерот ја напуштиле Москва?
Лавров: Тие вести беа демантирани пред неколку часа. Не грижете се и не верувајте во она што се пишува на социјалните мрежи.
Сијарто: Дали тие [силите на Вагнер] се во Воронеж и Ростов?
Лавров: Не следам сè од час во час. Армијата е на терен и ги има сите средства и знаење за решавање на ситуацијата.
Сијарто: Значи, вие лично сте сосема добро?
Лавров: Апсолутно. И повеќе од добро.
Сијарто: Во ред, ако некогаш ви треба нешто лично, само кажете ми!
Лавров: [Се смее.] Не ми треба ништо. Нема проблем. Ви благодарам за поканата.
Блискоста на поранешната влада на Унгарија предводена од Орбан со руските власти не е непозната за светска јавноста, исто како и релациите на Сијарто со Лавров.
Во март годинава, истражувачкиот портал „Инсајдер“ во соработка со други редакции, објави анализа на транскрипти и аудио разговори што ги имале токму двајца министри. Тие, според анализата на порталот, покажаа колку Будимпешта длабоко работела за интересите на Москва во рамки на Европската Унија. На пример, како што пишуваше „Инсајдер“, во разговорите се слушало како Сијарто пренесува доверливи информации од Брисел и тврди дека прави се што може за да ги блокира санкциите од ЕУ кон Русија.


