Орбан ја обвини опозицијата за соработка со странски разузнавачки служби

Објавено:

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини опозицијата за „соработка“ со странски разузнавачки служби и закани со насилство врз неговите поддржувачи, јави новинската агенција АФП.

Изјавата на Орбан доаѓа пред парламентарните избори во Унгарија в недела, на 12 април, на кои Орбан се соочува со невиден предизвик за неговото 16-годишно владеење.

„Нашите противници нема да запрат пред ништо за да ја преземат власта“, рече Орбан во видео објавено на социјалните мрежи.

„Ова е организиран обид да се доведе во прашање одлуката на унгарскиот народ преку хаос, притисок и меѓународно оцрнување“, кажа тој.

Анкетите покажуваат дека неговиот конзервативен ривал, Петер Маѓар, води со убедлива предност пред изборите в недела.

Владата на Орбан постојано го обвинува за странско мешање.

Маѓар, од своја страна, исто така предупреди за мешање откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја посети земјата оваа недела за да ја нагласи поддршката на Вашингтон за Орбан.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, изрази поддршка за Орбан, нарекувајќи го „вистински силен и моќен лидер“.

Орбан, најблискиот сојузник и на Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, владее со централноевропската земја Унгарија со 9,5 милиони жители од 2010 година.

За време на неговото владеење, неговата коалиција го искористи своето двотретинско мнозинство во парламентот за да го промени изборниот систем и да ги користи државните ресурси во кампањите, додека неговите бизнис сојузници значително го променија медиумскиот пејзаж.