Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф на 7 април побара од завојуваните страни на Блиски Исток да се согласат на двонеделно примирје за да ѝ се „овозможи на дипломатијата да доведе до конечно завршување на војната“. Тој побара од американскиот претседател, Доналд Трамп да го продолжи рокот што му го постави на Иран за отворање на Ормуска Теснина- за две седмици.
„Дипломатските напори за мирно решавање на тековната војна на Блискиот Исток напредуваат стабилно, силно и моќно, со потенцијал да доведат до суштински резултати во блиска иднина“, рече Шариф во објава на социјалната платформа X.
Овој потег на пакистанскиот премиер следува во период кога Вашингтон и Техеран се движат по опасна линија која води кон директен судир, откако Трамп се закани дека ако Иран не ја прекине блокадата на нафтата од Заливот ќе види како САД ги уништуваат сите мостови и електрани во Иран.
„За да се овозможи дипломатијата да си го оствари својот тек, искрено го молам претседателот Трамп да го продолжи рокот за две недели. Пакистан, со сета искреност, ги моли иранските браќа да го отворат Ормутскиот теснец за соодветен период од две недели како гест на добра волја. Исто така, ги повикуваме сите завојувани страни да почитуваат прекин на огнот насекаде во текот на две недели за да се овозможи дипломатијата да постигне конечно завршување на војната“, напиша пакистанскиот премиер.
Заканата од американскиот претседател кон Иран предизвика широка осуда, вклучително и од шефот на Обединетите нации и папата Лав.
Папата Лав XIV посочи дека заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за уништување на „цела цивилизација“ е „неприфатлива“, додека други меѓународни личности и западни претставници ги предупредија сите страни во војната во Иран против напади врз цивилната инфраструктура.
„Оваа закана против целиот народ на Иран и ова е навистина неприфатливо“, им рече Лав на новинарите на 7 април.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, беше „длабоко вознемирен“ од изјавата на Трамп, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
„Не постои воена цел што го оправдува целосното уништување на инфраструктурата на едно општество или намерното нанесување страдање на цивилното население“, изјави Дужарик на редовниот брифинг.
Канадскиот премиер Марк Карни, исто така, ги повика двете завојувани страни да го почитуваат меѓународното право и ги предупреди да не ги таргетираат цивилите и цивилната инфраструктура.
Неколку американски пратеници, исто така, го критикуваа постот на Трамп и предупредија да не се таргетира цивилната инфраструктура.
Трамп сè уште не се изјаснил за барањето за понатамошни преговори со Иран упатено преку социјалните медиуми од пакистанскиот премиер, Шариф.
„Претседателот е запознаен со предлогот и одговорот ќе дојде“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во соопштение испратено по е-пошта до медиумите.
Според последните информации од дипломатски извори објавени од новинската агенција Ројтерс, на само неколку часа преостанати до крајниот рок што го зададе Трамп, Техеран позитивно го разгледува барањето на Пакистан за двонеделен прекин на огнот за да се даде повеќе време за дипломатија.
Еден ирански функционер пред неколку часа за Ројтерс изјави дека САД и Иран сè уште разменуваат пораки преку посредници, без да даде детали.


