Париз забрани јавна консумација и продажба на алкохол поради топлотниот бран

Објавено:

Француските власти ја забранија јавната консумација на алкохол во Париз од петок (26 јуни), наведувајќи дека болниците во и околу главниот град се преоптоварени поради рекордниот топлотен бран – објави агенцијата АФП.

„Стигнуваме до точка на заситеност во болничките капацитети“, изјави началникот на париската полиција, Патрис Фор додавајќи дека „бројот на хоспитализации постојано расте“.

„Морам да обезбедам притисокот да се намали. Службите за итна помош достигнаа полн капацитет, бидејќи бројот на сериозни заболувања поврзани со топлината се зголеми“, рече тој, наведувајќи низа мерки.

Париската Парада на гордоста, која привлекува стотици илјади луѓе на улиците низ целиот град, од страна на полицијата е оценета како голем здравствен ризик поради екстремните температури – пишува весникот Гардијан. Организаторите соопштија дека ќе биде одржана во септември.

Музичкиот фестивал „Солидарите“ исто така ќе биде откажан.

Забраната за консумирање алкохол на улица стапи на сила во петок попладне, пред натпреварот меѓу Франција и Норвешка на Светското првенство.

Дехидратацијата, срцевите застои и болестите предизвикани од топлина станаа голем проблем во Париз оваа недела, бидејќи температурите поставуваат рекорди и дење и ноќе.