Предлог во Собранието: Eден пратеник – едно државјанство

Објавено:

Опозициската СДСМ ќе го поддржа предлогот на петмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои во Собранието поднесе измени и дополнување на Законот за пратеници со кој се предвидува пратеник да може да стане само лице кое има исклучиво македонско државјанство, иако смета дека предлогот е неприменлив и треба да се прошири и на другите функционери.

Предлогот беше ставен на дневен ред во Собранието со 77 гласа „за“, и осум „против“.

И покрај поддршката, Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ, порача дека, според неговата партија, предложените измени се повеќе политички маркетинг отколку реално применливо решение затоа што не може да се обезбеди доказ дали некој пратеник има само македонско државјанство или има повеќе државјанства.

Тој најави дека СДСМ ќе предложи проширување на забраната за двојно државјанство и за другите функционери а не само за пратениците, рече дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не обезбедува тој да важи и за актуелниот состав на Собранието поради што СДСМ ќе поднесат амандман да се обезбеди и тоа.

Моника Зајкова, претседателка на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, порача дека законот треба да важи веднаш и без исклучоци – за сите избрани и именувани функционери.

„Нели ви е преку глава од дволичноста и двојните стандарди на „големите“ партии? Законот треба да важи еднакво за сите. Како што важи за претседателот на државата, за јавниот обвинител, за амбасадорите – така да важи и за сите избрани и именувани лица“, рече таа.

Според Зајкова, доколку новото правило се воведе, тоа мора да се однесува и на сегашните носители на функции, а секој што имал двојно државјанство во моментот на изборот, треба веднаш да поднесе оставка.

Предлогот на пратеници од ВМРО – ДПМНЕ е реакција на соопштение од СДСМ во кое опозициската партија во прашална форма обвини дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наводно гласале на избори во соседна земја.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ демантираше дека тој или неговите колеги поседуваат друго, освен македонско државјанство.

„Никој од нас нема друго државјанство, а најмалку бугарско. Ако се уверени во спротивното, постои институционален начин тоа да се провери“, изјави Стојаноски.

Предлогот за измена на законот има идентичен текст со предлог доставен пред пет години, а тогаш не бил поддржан од коалицијата СДСМ – ДУИ.

Предлагачи се пратениците Антонијо Милошоски, Никола Мицевски, Бојан Стојаноски, Марија Петрушевска и Игор Здравковски.