Нов претседател се избира на 31 мај во Колумбија. Претседателските избори се одржуваат во услови на длабока политичка поларизација меѓу поддржувачите на продолжување на политиките на левичарската влада и оние кои се залагаат за премин кон конзервативните десничарски политики.
Според досега објавените анкети, 63 годишниот кандидат на левичарската коалиција наречена „Историски пакт“, Иван Сепеда води ранг листата со изборните ветувања кои значат продолжување на социјалните програми на колумбискиот претседател Густаво Петро. Дел од ветувањата се продолжување на мировните преговори со нелегалните вооружени групи, со цел да се стави крај на шестдеценискиот внатрешен конфликт, иако се очекува да се соочи со тешка борба во евентуалниот втор круг.
Сепеда е филозоф и член на Парламентот од 2010 година. Тој предлага даночни реформи што би ја прошириле даночната основа, би вовеле данок на богатство и би ги намалиле даночните олеснувања за големите компании за финансирање на социјалните трошоци.
Од десницата, главни кандидати се 47 годишниот бизнисмен Абелардо Де Ла Есприела и сенаторката Палома Валенсија. Таа е поддржана од поранешниот претседател Алваро Урибе. Бизнисменот Ла Есприела со прекар „Тигарот“, ја базира својата кампања на прашања поврзани со безбедноста, намалувањето на улогата на државата и економското закрепнување. Неговата програма повикува на порешителна борба против криминалот, трговијата со дрога и нелегалните вооружени групи, зајакнување на вооружените сили и изградба на големи затворски комплекси. Тој, исто така, планира да ги намали даноците и да ги оживее рударскиот и нафтениот сектор.
Валенсија (48), адвокатка и кандидатка на десничарската партија Демократски центар, исто така ги истакнува безбедноста и економското закрепнување како приоритети. Таа вети дека ќе се справи со нелегалните вооружени групи, ќе ги запре обидите на Петро да преговара за мировни договори, ќе ги намали даноците за компаниите за да го поттикне вработувањето и ќе ги реформира здравствениот, правосудниот и пензискиот систем.
Повеќе од 41 милион Колумбијци имаат право на глас, а гласачките места се отворени од 8 часот до 16 часот по локално време.


