Прв „Марш на ангелите“ во Виница: „Не смее да има само симболична одговорност“

Објавено:

Родителите, семејства и најблиските на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани, од Здружението на граѓани 16-ти март 025, денеска (16 мај) ќе го организираат 43. по ред „Марш на ангелите“.

За првпат, тие ќе маршираат во Виница, соседниот град на Кочани.

„Маршираме затоа што зад бројката 63 стојат 63 прекинати животи, неостварени соништа, празни соби и семејства што засекогаш останаа без дел од себе. Затоа што над 500 повредени и преживеани не се бројки во извештај — туку луѓе што секој ден живеат со физички последици и трауми од таа ноќ. Маршираме затоа што за ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Затоа што условна казна не е правда за 63 изгубени животи и стотици уништени семејства“, порачуваат од Здружението во најавата за маршот.

По трагедијата „Пулс“ во која загинаа 63 лица, семејствата на најблиските секоја сабота организираат „Марш за ангелите“ барајќи правда и одговорност за пожарот и системските пропусти кои овозможија дискотеката да работи незаконски со години. Неколку марша и протести се одржаа и во Скопје. Пред две недели, Здружението го организираше 41. марш во Штип најавувајќи дека тие ќе се прошират и во други градови од каде имаше жртви во пожарот.

До каде се судските процеси поврзани со „Пулс“

Пораката во пресрет на денешниот марш во Виница дека „условната казна не е правда“ следува откако на 5 мај беше изречена првата пресуда поврзана со „Пулс“. Со неа, тројца полицајци добија условни казни затвор.

Тројцата условно осудени полицајци се гонеа за нивното постапување во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024. Според обвинението, тие не постапиле во целост по анекс-плановите за акциски контроли во „Пулс“ и во записниците што ги правеле за прекршоците за нарушување на јавниот ред и мир внесувале неточни податоци за правното лице. Се поведувале прекршочни постапки за фирма што не била активна.

Има уште два други судски процес за полицајци. Во еден обвинети се 13 лица кои на рочиште на 11 мај се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Тој се однесува на (не)постапувањето кобната вечер кога се случи пожарот помеѓу 15 и 16 март 2025 година.

„Во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури. При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот“, наведе Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) при поднесување на обвинението.

Третиот предмет опфаќа девет полицајци. Стартот на овој судски процес беше закажан за 24 април, но се одложи за 1 јуни. Во овој случај полицајците се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи обвинителството тврди дека со пропуштање на службените обврски било овозможено дискотеката да добие лиценца за работа во 2022 и 2023 година.

На 19 ноември 2025, пак, започна најобемниот судски процес поврзан со пожарот во „Пулс“. Во него обвинети се 35 лица и три фирми, меѓу нив се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Покрај овие, во моментов има уште еден активен предмет поврзано со „Пулс“, но тој сè уште е во фаза на истрага. Меѓу десетината осомничени во него се и инспектори од УЈП.