Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека Бугарија ќе им дозволи на американските воени авиони да останат на нејзина територија само до крајот на јуни, откако САД не го одобрија барањето за безвизен режим за бугарските граѓани, пренесоа бугарските медиуми.
Радев изјави дека ја разбира сложеноста на американските регулаторни процедури, но дека и Бугарија има свои приоритети и процедури. Тој вели дека „Софија не може позитивно да одговори на барањето за подолг престој на авиони и тенкови на аеродромот во Софија, ако нема напредок за прашањето што директно ги засега бугарските граѓани“.
Пред десетина дека, како што објави неговиот кабинет, Радев разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и побарал укинување на визите за бугарските државјани. Тој инсистирал прашањето да се разгледа итно, но, според неговата изјава, не добил позитивен одговор.
Американските воени авиони се стационирани на софискиот аеродром „Васил Левски“, кој има и цивилна и воена функција. Дел од леталата, меѓу кои и авиони-цистерни KC-135 Stratotanker, пристигнале во Софија во февруари, во рамки на активности поврзани со засилена будност на НАТО. Според досегашниот договор, американските летала требало да останат до 31 мај, но бугарската влада ќе дозволи продолжување само до крајот на јуни. Радев рече дека тоа треба да им даде време на САД да ги преиспитаат своите постапки.


