Ројтерс: ОАЕ пропуштаат скриени танкери за нафта низ Ормускиот Tеснец

Објавено:

Со исклучени уреди за следење на локацијата за да се избегнат ирански напади, Обединетите Арапски Емирати(OAE) и купувачите неодамна превезоа неколку танкери натоварени со сурова нафта низ Ормускиот теснец во обид да ја преместат нафтата nатрупана во Заливот поради конфликтот на Блискиот Исток, јави Ројтерс повикувајќи се на извори од индустријата и податоци за испорака.

Овие количини се дел од типичниот извоз на ОАЕ пред војната меѓу САД и Израел против Иран, но тие ги покажуваат ризиците што производителот и купувачите се подготвени да ги преземат за да ја ослободат продажбата на нафта. Другите производители во Заливот – Ирак, Кувајт и Катар – или ја запреа продажбата, длабоко ги намалија цените за да ги привлечат незаинтересираните купувачи или испорачуваат само преку Црвеното Море во случајот со Саудиска Арабија, според Ројтерс.

Во април, компанијата ADNOC („Абу Даби Национал Оил“) на ОАЕ успеа да извезе најмалку 6 милиони барели нафта на четири танкери од терминалите во Заливот, според три извори, податоци за следење на бродови од „Кплер“ и анализа на сателитски податоци од „СинМакс“.

Пратките биле или истоварени со трансфер од брод до брод (STS) на брод кој подоцна ја носел нафтата до рафинерија во Југоисточна Азија, истоварени во складиште во Оман или отпловиле директно до јужнокорејските рафинерии, според трите извори, еден со директно познавање на прашањето и два запознаени со работењето на ADNOC (Националната нафтена компанија на Абу Даби), како и податоците од „Кплер“ и „СинМакс“.

Ројтерс за прв пат известува за овој систем на извоз.

ADNOC одби да коментира за пратките.

Техеран одговори на нападите меѓу САД и Израел што почнаа на 28 февруари со ефикасно затворање на Ормускиот Теснец за извоз освен за сопствениот, ограничувајќи една петтина од глобалните резерви на нафта и гас. Затворањето и блокадата на САД што го запре иранскиот извоз во последните недели ги крена глобалните цени на нафтата над 100 долари за барел.

ADNOC мораше да го намали извозот за повеќе од 1 милион барели дневно од почетокот на војната, од 3,1 милиони барели дневно што ги испорачуваше минатата година.