Румен Радев го доби мандатот за состав на новата Влада

Објавено:

Лидерот на „Прогресивна Бугарија“, Румен Радев денеска (7 мај) вети дека ќе ги намали цените и ќе ја врати стабилноста во Бугарија, откако именуваше нов кабинет, по добиениот мандатот за формирање влада – објави новинската агенција Ројтерс.

Партијата „Прогресивна Бугарија“ освои 44,6% од гласовите на парламентарните избори на 19 април, со што доби мнозинство места во парламентот со 240 пратенички места.

Радев се повлече од претседателската функција во јануари за да учествува на изборите, откако протестите поради корупција и растечките трошоци за живот ја соборија претходната влада во декември.

Победата на ПБ ќе му овозможи да ја предводи првата еднопартиска влада во Бугарија по речиси три децении, пишува Ројтерс.

Бугарската национална телевизија (БНТ) јави дека Радев пред државниот врв, односно пред претседателката Илијана Јотова, ја претставил структурата и составот на предложениот кабинет. Владата ќе треба брзо да усвои нов буџет, да постави лимит на јавниот долг за да обезбеди исплата на пензии и плати и да се обиде да обезбеди средства од ЕУ.

Претседателката Илијана Јотова изјави дека по години политички кризи, бугарските граѓани очекуваат стабилно владеење, пишува БНТ.

„Претстои донесување на многу важни одлуки кои не трпат одложување. Пред сè, сигурност во сите политики во Бугарија. Одговор на предизвиците на надворешен план. Сето тоа ќе биде во ваши раце“, изјави Јотова.

Се очекува утре парламентот да ја одобри 107-та бугарска влада.