Што треба да знаете за предвремените избори во Шпанија

Објавено:

Шпанскиот премиер Педро Санчез распиша предвремени избори за 29 ноември, за кои се надева дека ќе му донесат мнозинство во парламентот. Сепак, тие исто така би можеле да доведат до конзервативна коалиција, со оглед на тоа што блокот на центарот и левицата заостанува во повеќето анкети за јавното мислење.

Анкетите ја предвидуваат десничарската коалиција како најверојатен исход, пишува во својата анализа новинската агенција Ројтерс.

Социјалистичката партија (ПСОЕ) на Санчез веќе подолго време заостанува, движејќи се околу 28% и никогаш над 33% во текот на неговите осум години на власт. Во исто време, партиите уште подесно на левицата, кои ќе бидат клучни за Санчез да состави коалиција, моментално уживаат поддршка од околу 8%.

На спротивната страна, коалицијата помеѓу конзервативната Народна партија (ПП) и десничарската Вокс е единствената комбинација за која се предвидува дека ќе освои доволно гласови за апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот од 350 пратенички места. Притоа, намерата за гласање за ВОКС изнесува околу 18%, главно поттикната од помладите и машките гласачи.

Неколку клучни прашања веројатно ќе доминираат во изборната кампања.

Станбеното прашање ќе биде во фокусот на левицата, бидејќи Санчез донесе одлука да распише избори откако избија протести низ целата земја по широко проследеното иселување на 87-годишна жена од нејзиниот дом во Мадрид.

Имиграцијата исто така ќе биде одлучувачко прашање, како за Санчез, кој е еден од најгласните заговорници во Европа за придобивките од имиграцијата за општеството и економијата и неодамна им даде легален статус на речиси милион недокументирани мигранти, така и за ВОКС, која бара значително построги контроли.

Дополнително, масовниот премин на 72.000 мигранти во Сеута во јули ги преоптовари локалните власти и предизвика големи политички спорови околу способноста на Шпанија да ги контролира своите граници.

Во меѓувреме, опозициските партии се очекува да ја стават за централна тема- корупцијата, обидувајќи се да го поврзат Санчез со серија истраги, судења и пресуди кои ги засегаат членовите на неговиот тесен круг и семејството, иако тој повеќепати негираше каква било вмешаност и тврди дека дел од случаите се дел од политички мотивирана кампања.

Што се однесува до кандидатите за премиер, Санчез повторно ќе ги предводи Социјалистите, кои ги раководи од 2017 година. Тој сега бара трет мандат по осум години на власт и е втор премиер со најдолг стаж во Шпанија од враќањето на демократијата во 1978 година.

Покрај мандатот што во изминатите две години беше следен со истраги за корупција, тој се обложува дека станбената криза и можноста десничарска партија да дојде на власт ќе ги мобилизираат левоориентираните гласачи кои инаку би апстинирале.

Негов главен противкандидат е Алберто Нуњез Феихо, поранешен претседател на регионот Галиција, кој ќе ја претставува Народната партија, која ја предводи од април 2022 година. Како четирикратен победник на претседателските избори во Галиција, Феихо изгради репутација како умерен и прагматичен политичар.

Иако неговата партија исплива како најголема на општите избори во 2023 година, таа не успеа да обезбеди доволно поддршка за да формира влада. Оттогаш, Феихо се обидува да ја позиционира Народната партија како влада во сенка, упатувајќи низа критики кон Санчез за неговите политики и обвинувањата за корупција.

Големо прашање е и евентуалната улога во кабинетот за десницата. Анкетите предвидуваат дека Народната партија ќе мора да се потпре на десничарската Vox за да владее, што би ѝ дало улога во кабинетот за првпат по смртта на поранешниот диктатор Франциско Франко во 1975 година.

Нејзиниот лидер Сантијаго Абаскал го изгради својот политички профил во Баскија спротивставувајќи се на сепаратизмот и ја соосноваше партијата во 2014 година. Под негово раководство, ВОКС се разви во трета по големина партија во земјата, залагајќи се за построги контроли на имиграцијата, рецентрализација на државните овластувања, пониски даноци и поништување на многу прогресивни социјални политики.

Од друга страна, се формира и мобилизирана левица во облик на „Широк фронт“ (Frente Amplio). Голем број партии лево од ПСОЕ планираат да лансираат нова заедничка платформа, која ќе биде најголемата надеж на Санчез за задржување на власта доколку го поддржи во коалиција. Оваа алијанса би ја заменила Сумар (Sumar), тврдокорната левичарска платформа основана во 2023 година од министерката за труд Јоланда Дијаз. Новиот фронт ќе именува кандидат за лидерство на 17 октомври, откако Дијаз изјави дека нема повторно да се кандидира. Сепак, Подемос (Podemos), кои заземаат покритички став, засега одбиваат да му се приклучат на фронтот и планираат да настапат одделно освен ако не се одржат отворени внатрепартиски избори.

На крајот, значајна улога играат и останатите партии во силно фрагментираниот шпански парламент, каде што помалите партии со само неколку места често натежнуваат на вагата. Регионите во земјата имаат четири сепаратистички партии од кои една во Баскија, две во Каталонија и една го Галиција. Три од четири партии генерално го поддржуваат Санчез, додека само една неколку пати до сега стави вето на мерките на неговата влада, вклучително и декретите за станбено прашање кои на крајот го поттикнаа премиерот да го распушти парламентот.