Соединетите Американски Држави (САД) ќе испратат дополнителни 5.000 војници во Полска, изјави во четвртокот (21 мај) американскиот претседател, Доналд Трамп.
Трамп, во објава на Truth Social, посочи дека причината за неговата одлука за испраќање дополнителни трупи е неговиот однос со полскиот конзервативен националистички претседател Карол Навроцки – пренесе новинската агенција Ројтерс.
Објавата доаѓа два дена откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс им изјави на новинарите дека распоредувањето на американски трупи во Полска било одложено.
Потпретседателот на Трамп, Џеј Ди Венс, ја бранеше одлуката уште во средата, изјавувајќи за еден полски новинар дека Соединетите Американски Држави сакаат Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана и безбедност, додавајќи дека „Полска е способна сама да се брани со голема поддршка од Соединетите Американски Држави“ – пишува весникот Гардијан.
Тој ги критикуваше медиумите дека „претерано реагираат“ за, како што рече, „многу мала работа“ и „стандардно одложување“.
Но, како што пишува Гардијан, првичната одлука која очигледно ја затекна Полска неподготвена, предизвика загрижени реакции кај највисоките полски лидери, поради сѐ поагресивниот став на Русија во регионот во услови на продолжување на војната во Украина, а исто така наиде и на критики во Конгресот на Соединетите Американски Држави.
Објавата всушност, следува само неколку часа пред американскиот државен секретар Марко Рубио да учествува на министерскиот состанок на НАТО во Шведска, по неколкунеделните тензични односи меѓу американската администрација и нејзините европски сојузници, предизвикани од нивното одбивање да се вклучат во војната со Иран
Каков е односот меѓу Трамп и Навроцки?
Доналд Трамп го пречека Карол Навроцки во Белата куќа во мај минатата година и му даде поддршка во клучен момент пред полските избори, на кои националистичкиот политичар го победи кандидатот на полскиот премиер Доналд Туск и неговата центристичка, проевропска партија.
Трамп повторно се сретна со Навроцки во септември, кога изјави дека Соединетите Американски Држави би можеле да го зголемат своето воено присуство во Полска и вети дека ќе ја гарантираат одбраната на земјата – јави Дојче веле.
Доцна во четвртокот, Навроцки му се заблагодари на Трамп за потегот во објава на Икс (X), нарекувајќи го сојузот меѓу Варшава и Вашингтон „витален столб на безбедноста за секој полски дом и за цела Европа“.
Полска е клучна членка на НАТО и има една од најголемите и најдобро финансираните армии во Европа, при што троши околу 4,48% од својот БДП на одбрана – највисок удел во Алијансата, според податоците на НАТО за 2025 година.


