Претседателот на Соединетите Американски Држави(САД), Доналд Трамп не е задоволен од најновиот ирански предлог за решавање на двомесечната војна, изјави американски функционер. Со ова, се намалуваат надежите за разрешување на конфликтот кој ги наруши енергетските испораки, ја поттикна инфлацијата и однесе илјадници животи, објави новинската агенција Ројтерс.
Најновиот ирански предлог би го одложил разгледувањето на иранската нуклеарна програма сè додека не заврши војната и не се решат споровите околу бродскиот транспорт во Заливот.
Тоа е малку веројатно да ги задоволи САД, кои тврдат дека нуклеарните прашања мора да се решаваат од самиот почеток, а Трамп бил незадоволен од иранскиот предлог поради таа причина, изјави американски функционер запознаен со состанокот на претседателот во понеделникот со неговите советници, зборувајќи под услов на анонимност, јави Ројтерс.
Портпаролката на Белата куќа, Оливија Вејлс изјави дека САД „нема да преговараат преку медиумите“ и дека „јасно ги поставиле црвените линии“, додека администрацијата на Трамп се обидува да ја заврши војната против Иран, која со Израел ја почнаа во февруари.
Доналд Трамп се сретна со својот тим за национална безбедност во понеделникот наутро за да разговара за новиот ирански предлог за завршување на војната, потврди Белата куќа.
Портпаролката за печат, Каролин Левит, не даде мислење за предлогот, според кој клучниот Ормуски теснец би бил повторно отворен, а иранската нуклеарна програма би се разгледувала во подоцнежна фаза. Но таа рече дека клучното барање на Трамп (дека Техеран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје) „е ставено многу, многу јасно“, пренесе весникот Гардијан.
Трамп претходно изјави дека Иран може да му се јави ако сака да преговара за крај на војната и дека мора да се согласи никогаш да не поседува нуклеарно оружје, додека лидерите на Пакистан се обидоа да ги обноват застојаните мировни преговори меѓу Вашингтон и Техеран.
Техеран упорно негира дека сака да развие нуклеарно оружје, но во исто време се спротивставува на барањата да се согласи на ограничувања за збогатување на ураниум на нивоа потребни исклучиво за цивилни цели.
Министерството за здравство на Либан соопшти дека израелските напади врз југот на земјата убиле четири лица, меѓу кои и една жена, и раниле 51 лице, од кои три деца, и покрај примирјето. Врз основа на податоци од Министерството за здравство, израелските напади убиле најмалку 40 луѓе во Либан од почетокот на кревкото примирје на 17 април.


