Трамп: САД ќе го блокираат Ормутскиот теснец

Објавено:

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека американската морнарица веднаш ќе започне со блокада на Ормутскиот теснец. Со ова, дополнително се зголемуваат тензиите откако маратонските преговори со Иран завршија без договор доведувајќи го во прашање двонеделното примирје, пишува Би-Би-Си.

Трамп исто така, во објава на Truth Social наведе дека САД ќе го пресретнуваат секој брод во меѓународни води кој платил такса на Иран.

„Со важност од веднаш, Морнарицата на Соединетите Држави, најдобрата во светот, ќе започне процес на блокада на сите бродови што се обидуваат да влезат или да излезат од Ормутскиот теснец“, наведе тој.

„Никој што плаќа нелегална такса нема да има безбеден премин на отворено море“, се додава во објавата.

Маратонските преговори меѓу САД и Иран завршија без договор – КОЛЕГИУМ.мк

Двете страни претходно се обвинија меѓусебно за неуспехот на разговорите за ставање крај на шестнеделните борби кои одзедоа илјадници животи, ја разнишаа глобалната економија и предизвикаа нагло зголемување на цените на нафтата.

Во втора објава на Truth Social, пак, Доналд Трамп вели: „Иран вети дека ќе го отвори Ормутскиот теснец и свесно не го направи тоа“.

„Ова предизвика вознемиреност, нарушувања и страдање кај многу луѓе и држави ширум светот. Како што ветија, подобро е веднаш да започнат со процесот на отворање на овој меѓународен воден пат – и тоа брзо“, додава тој.

Преговорите меѓу САД и Иран завршија без успех.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека преговарачите ќе се вратат во САД без договор затоа што Иран не сака да се обврза дека нема да се стреми кон нуклеарно оружје. 

Иранските медиуми, пак, објавија дека САД поставиле „прекумерни“ барања, иако портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи се чини дека ја остави вратата отворена за повеќе дискусии, пишува Блумберг.