(ВИДЕО) Зеленски стигна во Белград

Објавено:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Белград во својата прва официјална посета на Србија, каде утре ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ.

На аеродромот го пречека министерката за енергетика и рударство, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

„Пристигнав во Србија со мојот тим. За денес и утре се закажани важни разговори со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацута“, објави Зеленски на мрежата Икс.

Тој кажа дека со Вучиќ и со Мацута ќе разговараат за проширување на економските врски, односите со Европската Унија, безбедносните прашања и други области од заеднички интерес.

Србија е единствената земја од регионот и од кандидатките за членки на ЕУ, што не се приклучи на санкциите на Европската Унија кон Русија воведени поради инвазијата на Украина. Од друга страна, пак, за Киев и Белград заеднички се аспирациите за членство на Унијата и залагањето на тероторијалниот интегритет на државите.

Србија ја осуди инвазијата што започна во февруари 2022, но никогаш по тоа прашање не се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ и не воведе санкции за Москва.

Тоа првично се сметаше и за главна пречка во застојот на преговорите на Белград за членство во ЕУ. Од почетокот на инвазијата, Србија не отвори или затвори ниту едно ново поглавје. Во меѓувреме, се влошија и извештаите од Брисел во однос на владеењето на правото во земјата.

Ова ќе биде прва официјална посета на Зеленски на Србија, не само од почетокот на војната туку воопшто од стапувањето на должноста претседател на Украина во 2019 година.