Дводневните преговори меѓу Украина и Русија во Абу Даби, со посредство на САД, завршија со кратка средба на 11 ноември, пренесоа некои медиуми, откако Москва и Киев разменија напади со беспилотни летала ноќта пред почетокот на преговорите.
Вториот ден од трилатералните преговори во главниот град на Обединетите Арапски Емирати заврши по нешто помалку од два часа.
На првите мировни преговори по осум месеци, Русија и Украина се договориле за поголема размена на заробеници, но немаше други позначајни конкретни резултати од средбите со посредство на Соединетите Американски Држави.
И покрај јавниот оптимизам на американскиот претседател Доналд Трамп, нема индикации дека е постигнат компромис за главните спорни прашања.
Додека преговорите за територијата се во ќор-сокак, а Украина ги отфрла барањата на рускиот претседател Владимир Путин да го предаде целиот источен регион Донбас во замена за мир, американските посредници се обидоа разговорите да ги насочат кон безбедносните гаранции и обновата на земјата по завршувањето на војната.
И покрај преговорите, Русија продолжи со нападите врз Украина, при што, по нападите со беспилотни летала, градот Криви Рог, во јужно-централниот дел на земјата, делумно остана без електрична енергија и греење, соопштија локалните власти.
Оштетени се станбени објекти, училишта и градинки, изјави Олександр Вилкул, шеф на Советот за одбрана на Криви Рог.
Во текот на ноќта, Русија извршила напади врз шест големи украински енергетски постројки во четири региони, соопшти украински функционер на 11 ноември. На мета била и железничката инфраструктура во Дњепропетровската и Житомирската област, додаде тој.
Во меѓувреме, во текот на ноќта над Ленинградската област во Русија биле соборени 150 украински беспилотни летала, наведе гувернерот на областа, Александар Дрозденко, во објава на Телеграм.
Според Дрозденко, неколку беспилотни летала ја погодиле пристанишната зона Уст-Луга, каде што се наоѓа најголемиот руски центар за извоз на енергенси и нафта на Балтичкото Море. Нападот предизвикал пожар, при што биле повредени тројца работници.
Во одделен напад, две лица загинале откако остатоци од беспилотно летало погодиле станбена зграда во руската Смоленска област, која се граничи со Белорусија, соопштија регионалните власти.
Руското Министерство за одбрана на 11 ноември соопшти дека неговите сили за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 627 украински беспилотни летала.
Украинската војска не ги потврди нападите во Русија.
Преговорите се одржаа во момент кога Белата куќа ги обновува напорите за надминување на застојот во најголемата и најкрвавата војна во Европа од Втората светска војна.
Во разговорите, покрај Украина, учествувале Германија, Франција и Велика Британија – таканаречената група Е3 – како и Италија, НАТО и Европската Унија. Сепак, нивните консултации со американските претставници се одвивале одделно од трилатералните преговори со Русија.
Украина претходно на 11 ноември соопшти дека нејзиниот преговарачки тим ќе се сретне со европските и американските претставници по завршувањето на преговорите со Русија.


