Американка обвинета за убиство поради абортус

Објавено:

Триесет и едногодишна жена од американската сојузна држава Џорџија е обвинета за убиство откако земала лекови за абортус и родила предвремено бебе кое починало во рок од неколку часа, според судските документи и записите за апсења, јавува новинската агенција Ројтерс.

Алексија Мур беше уапсена, обвинета и затворена од локалната полиција претходно овој месец во крајбрежниот округ Камден, Џорџија, во близина на границата со Флорида, поради настанот од 30 декември.

Речиси сите абортуси во Џорџија се нелегални по шест недели од бременоста. Откако американскиот Врховен суд ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ во 2022 година, елиминирајќи го уставното право на абортус, многу држави усвоија разни забрани за абортус.

Иако другите држави се обидуваат да ги гонат жените кои имале абортуси, ретко се обвинуваат за убиство како што беше обвинет Мур. Државните обвинители ќе одлучат дали да продолжат со случајот.

Мур, која веќе има две мали деца, го земала лекот за абортус мизопростол дома, а потоа била итно однесена во болница на 30 декември, откако почувствувала силни болки, е наведено во полицискиот извештај.

Таа го информирала персоналот за својата бременост и рекла дека земала 200 мг мизопростол пред да пристигне во итната помош. Подоцна, еден пријател ѝ кажал на полицијата дека Мур го земала апчето за абортус затоа што не сакала друго дете.

Додека била во здравствениот центар, 31-годишната жена предвреме се породила со девојче. Полицијата во својот записник ја опишала како личност со „големи здравствени проблеми“ и навела дека трудницата користела и нелегален опијат. Новороденчето преживеало околу еден час.

Полицискиот извештај не наведува во која недела од бременоста била жената, но „Вашингтон пост“ објави дека Мур била бремена помеѓу 22 и 24 недели. Адвокатот на Мур не бил достапен за коментар.

Виш потпретседател на групата за застапување „Pregnancy Justice“, Дана Сусман изјавила за Ројтерс дека случајот во Џорџија нема законска основа и дека треба да се соочи со енергична одбрана по неколку основи.

Законот за абортус во Џорџија „не предвидува обвиненија за убиство за некој што абортира, а самостојното спроведување на абортус не е кривично дело во Џорџија. Обвинувањето на г-ѓа Мур за убиство е сурово и неправедно“, се вели во соопштението на Сусман.

Правните постапки од страна на државите што го забранија или ограничија абортусот во голема мера беа насочени кон давателите на услуги, вклучувајќи ги и лекарите кои препишуваат лекови за абортус од далечина и ги издаваат по пошта.

Во меѓувреме, неколку држави предводени од републиканците, вклучувајќи ги Тексас и Флорида, покренуваат правни оспорувања на федералните правила што го олеснија пристапот до лекови за абортус, вклучително и регулативата од 2023 година што дозволува нивно издавање по пошта.