Билтен на акутни заразни заболувања: Во јули 11 нови случаи на ХИВ / СИДА во Македонија

Објавено:

Во јули 2026 година се пријавени 11 нови случаи на ХИВ/СИДА, од кои девет се мажи, а две се жени, сите на возраст од 20-49 години, се наведува во новиот билтен за движењето на акутните заразни заболувања за јули што го изготвува Институтот за јавно здравје.

„Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Македонија, за периодот 1987–2026, изнесува 765. Евидентирани се вкупно 141 починато лице, 508 лица живеат со ХИВ/СИДА, а 116 лица се водат како изгубени за следење“, пишува во билтенот.

Од другите сексуално и крвно-преносливи инфекции, во јули се пријавени 7 случаи на сифилис, 4 случаи на вирусен хепатитис Б и по еден случај со гонореја, инфекција со хламидија и вирусен хепатит Ц.

Најчести заразни заболувања

Во текот на јули, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се ентероколитите со вкупно 975 пријавени заболени лица. Тие во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 65,3%, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 67,0%.

На второ место по број на пријавени заболени во месец јули се овчите сипаници, со 270 случаи. Во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 18,1%, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец со 18,5%.

Во јули, до Институтот за јавно здравје пристигнати се пет пријави за пoјава за епидемија од кои 3 се со dg. Toxoinfectio alimentaris, една со dg. Intoxicatio alimentaris, и една пријава со dg.Gastroenteritis.

Во истиот период не се регистрирани смртни случаи од акутно заразно заболување (без КОВИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ).

Заразни заболувања кај странски државјани

Покрај пријави за македонски државјани, до ИЈЗ во јули пристигнати се и 12 пријави за заразно заболување регистрирани кај странски државјани – 6 пријави за ентероколитис, 5 за бактериски алиментарни инфекции и интоксикации и една варичела.

Според земјата од која доаѓаат, 5 случаи се од Турција, 2 случаи од Германија, и по еден случај од Србија, Белгија, Луксембург, Австралија и Косово.