Битолчанец од образовна установа се гони за детска порнографија, дојава пратила Австралија

Објавено:

Лице од Битола е осомничено за производство и дистрибуција на детска порнографија, а надлежните истражуваат и во Скопје и други градови за да ги проверат сознанијата што стигнале до нив.

Засега единствен осомничен е 31-годишен маж, кој бил вработен во образовна установа и во периодот од април 2024 до април 2026 на компјутери дома набавувал за себе и поседувал материјали со детска порнографија, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола.

Првичните информации македонските органи ги добиле од федералната полиција на Австралија, по што предистрага започнало обвинителството заедно со битолската полиција и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика од Скопје.

Австралиската федерална полиција пратила известување до Северна Македонија откако пред „извесен период спровела акција за откривање на веб страници одговорни за дистрибуција на слики и видеа кои содржат материјали од злоупотреба на деца“.

„Австралиските служби спроведоа операција за откривање на корисниците на ИП адреси кои се обиделе да пристапат до една или повеќе од веб-страниците, при што биле идентификувани повеќе уникатни регистрирани корисници, нивните електронски и ИП адреси од кои дел во Република Северна Македонија, за што е испратено известување и до македонските истражни органи“, соопштија од ОЈО Битола.

Засега нема поконкретни информации за проверките во Скопје и други градови.

За осомничениот битолчанец, обвинителството бара судот да одреди притвор.