Човекот стигна најдалеку од земјата досега

Објавено:

Мисијата Артемис II на НАСА влезе во историјата откако четворица астронаути го достигнаа најоддалеченото растојание од Земјата на кое некогаш се нашол човек. Четворицата астронаути Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, заедно со канадскиот астронаут Џереми Хансен, на шестиот ден од мисијата достигна растојание од околу 400.000 километри од Земјата, надминувајќи го рекордот поставен од мисијата Аполо 13 пред 56 години.

Астронаутите летаат во вселенската капсула Орион , која ќе ја обиколи далечната, затемнета страна на Месечината без да слета, пред да се врати на Земјата. За време на прелетот, екипажот ќе влезе во зона без комуникација, бидејќи Месечината ќе го блокира сигналот кон Земјата.

Патувањето, кое трае речиси 10 дена, претставува прва мисија со екипаж надвор од Земјината орбита по повеќе од половина век. Во текот на шестчасовниот прелет околу Месечината, астронаутите ќе вршат научни набљудувања и ќе снимаат фотографии од ретка перспектива, вклучително и од сончевата светлина која се прекршува по рабовите на Месечината.

Четирите астронаути денес се разбудија со посебна порака снимена од Џим Ловел, член на мисиите „Аполо 8“ и „Аполо 13“, кратко пред неговата смрт минатата година.

„Добредојдовте во мојот стар дом… Горд сум што ви го подавам тој факел додека кружите околу Месечината“, рече Ловел.

„Ова е историски ден и знам колку ќе бидете зафатени, но не заборавајте да уживате во погледот“, додаде тој.

Програмата Артемис има амбициозна цел – враќање на луѓето на Месечината до 2028 година и воспоставување долгорочно присуство, пред Кина, и да воспостави долгорочно американско присуство во следната деценија. Плановите вклучуваат изградба на лунарна база која би служела како тест-платформа за идни мисии кон Марс.