НАСА ја лансираше Артемис II на пат околу Месечината

Објавено:

Лансиран е првиот лет со четири астронаути кон Месечината. По повеќе од 50 години американски астронаути во десет дневна мисија ќе орбитираат околу Месечината и ќе тестираат нова генерација вселенска технологија.

Астронаутите ќе летаат со новото летало „Орион“, поставено на ракетата SLS (Space Launch System), при што за првпат ќе се тестираат сите системи во реални услови со екипаж. Артемис II e вселенска мисија на NASA која е дел од програмата Артемис (Artemis), насочена кон враќање на луѓето на Месечината.

“Ова е неверојатен момент за генерацијата Артемис и ние сме возбудени и подготвени”, рече Емили Нелсон, главната директорка за летови во НАСА.

Oва ќе биде прв пат по програмата „Аполо“, астронаути да патуваат толку далеку од Земјата. Астронаутите нема да слетаат, туку ќе направат круг околу Месечината и ќе се вратат. За разлика од Артемис 1 (која беше без луѓе), оваа мисија ќе носи астронаути. Целта е да се тестираат системите пред следната мисија, Артемис 3, која треба да слета луѓе на Месечината.

Леталото ќе остане во високата земјина орбита околу еден ден, при што екипажот ќе изведе демонстрација на рачно управување за тестирање на управливоста на „Орион“. Астронаутите, заедно со тимовите од Контролниот центар на мисијата во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, ќе продолжат со проверка на системите.

Доколку сите системи функционираат стабилно, контролорите на мисијата ќе му дадат команда на европскиот сервисен модул на „Орион“ да ја изврши маневрата за влегување на патека кон Месечината во четврток, 2 април. Овој потег претставува приближно шестминутно активирање што ќе го насочи леталото по траекторија која ќе го однесе екипажот околу Месечината и, со помош на нејзината гравитација, ќе ги врати назад кон Земјата.

За време на планираното повеќечасовно прелетување покрај Месечината во понеделник, 6 април, астронаутите ќе фотографираат и ќе доставуваат набљудувања на површината, како први луѓе што ќе видат одредени делови од нејзината темна страна. Иако таа ќе биде само делумно осветлена, условите ќе создадат сенки што ќе се протегаат по површината, нагласувајќи го релјефот и откривајќи длабочини, гребени, падини и рабови на кратери кои често тешко се забележуваат при целосно осветлување. Набљудувањата на екипажот и другите научни истражувања за човечкото здравје, како што е AVATAR, ќе придонесат за идните мисии на Месечината.

Како дел од новата „златна ера“ на иновации и истражување, НАСА ќе испраќа астронаути од програмата Artemis на сè посложени мисии, со цел подлабоко истражување на Месечината, остварување научни и економски придобивки и поставување основа за првите управувани мисии кон Марс.

Последниот пат кога луѓето ја напуштија Земјина орбита беше во декември 1972 година, со мисијата Апол 17.

“Пред педесет и три години, човештвото ја напушти Месечина и не се врати. Сега се враќаме назад”, изјави Амит Ксатрија, асоцијаден администратор на НАСА, на прес-конференцијата пред лансирањето.

Директорката на летот Нелсон, додаде дека оваа мисија е прилика да се испрати екипажот подалеку отколку кој и да е пред нив.