Црна Гора очекува до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со ЕУ

Објавено:

Црна Гора очекува до крајот на годината да ги затвори сите преговарачки поглавја со Европската Унија(ЕУ), изјави министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ.

Според неа, усвојувањето на уставните измени покажало високо ниво на одговорност кај сите политички фактори во земјата, а членството на Црна Гора во ЕУ е целосно остварливо.

На вонредна седница одржана вчера црногорскиот Парламент ги усвои предлог-измените на Уставот што се однесуваат на Судскиот и Тужителскиот совет и на Централната банка.

Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Горчевиќ оцени дека со гласањето Црна Гора ги исполнила обврските од агендата на ЕУ за зајакнување на владеењето на правото, како и критериумите од Поглавјето 17.

„Усвојувањето на уставните измени од страна на Парламентот е доказ за високото ниво на одговорност на сите политички фактори и за општествен консензус во однос на најважната стратешка цел – членството во ЕУ“, наведе Горчевиќ.

Таа посочи дека уставните промени се сложен процес и тест за зрелоста дури и на најразвиените демократии.

Според Горчевиќ, со усвојувањето на измените Подгорица уште еднаш ја потврдува подготвеноста одговорно да придонесува кон европскиот демократски простор.

Унијата ја смета Црна Гора за водечки кандидат за членство од земјите од Западен Балкан. Повеќе од три милијарди евра во новиот буџет на ЕУ од седум години веќе е предвиден за Црна Гора.

Но, додека Црна Гора настојува да ја оствари својата амбициозна цел – до крајот на годината привремено да ги затвори сите преговарачки поглавја за да го постигне стратешкиот цел членство во Европската унија (ЕУ) во текот на 2028 година – Загреб ја потсети Подгорица дека за остварување на таа цел се прашува и Хрватска, како една од 27-те рамноправни држави членки на Унијата.

Тоа значи дека дури и ако Црна Гора ги спроведе сите неопходни реформи и ги исполни сите задачи од европската агенда, отворените билатерални прашања можат да станат камен на сопнување во завршната фаза од пристапниот процес.

Земјата официјално поднесе барање за членство во декември 2008 година, а ги започна преговорите во 2012 година. Од земјите од Западен Балкан, Црна Гора е најуспешен кандидат за членство во Унијата.