Дезинформациите на антиваксерите ги враќаат заборавените болести – морбили во САД

Објавено:

Многу американски лекари учеле за морбилите како за болест од минатото, но нивното неодамнешно повторно појавување низ целата земја, предизвикано од падот на стапката на вакцинација, ги претвори во многу реален проблем на денешницата.

„Морбилите беа како болест од минатото – нешто што едноставно не се среќаваше во САД“, изјави за АФП Трахерн Џонс, педијатар специјалист за заразни болести од Јута.

Панамериканската здравствена организација (ПАХО) вчера соопшти дека морбилите веќе не се сметаат за елиминирани во Соединетите Американски Држави. Од почетокот на годината на национално ниво се регистрирани повеќе од 5.400 случаи, од кои над 500 во Јута, каде што работи Џонс.

„Тоа беше како средба со дух од минатото, со нешто што никогаш не би требало да го видите во реалниот живот“, рече тој.

Џонс смета дека бројот на пријавени случаи на оваа многу заразна болест е значително помал од реалната бројка, бидејќи годинава лекувал многу деца заразени со морбили.

Морбилите лесно се препознаваат по црвените дамки на телото на заразеното лице, а предизвикуваат и покачена телесна температура и респираторни симптоми. Во одредени случаи можат да доведат и до сериозни компликации, како што се воспаление на белите дробови или воспаление на мозокот, кои можат да предизвикаат тешки долгорочни здравствени последици, па дури и смрт.

Според Џонс, одговорноста лежи во она што тој го нарекува епидемија на ужасни дезинформации.

Иако многу невакцинирани деца припаѓаат на верски заедници, голем дел доаѓаат од семејства кои добивале многу збунувачки пораки и информации, како од социјалните мрежи, така и од федералната влада, за тоа колку е всушност важна вакцинацијата против морбили, рече тој.

Многу експерти го посочуваат американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор како личност која поттикнува недоверба кон вакцинацијата, бидејќи постојано изнесува непоткрепени тврдења за безбедноста на вакцините.

Запрашан да го коментира Кенеди, Џонс изјави:

„Тоа е како некој што верува дека Земјата е рамна плоча да ја преземе контролата врз НАСА.“