Иран повторно го затвори Ормускиот Теснец

Објавено:

Само еден ден по повторното отворање на еден од најважните водни патишта во светот за извоз на нафта и гас по четири месеци, Иран повторно го затвори Ормускиот Теснец за сите бродови поради континуираните израелски напади врз јужен Либан.

Техеран го смета тоа за прекршување на договорот со САД и се заканува со понатамошно ескалирање на конфликтот. Со потпишаниот договор, САД и Иран се согласија на 60-дневни преговори за обезбедување траен мир на Блискиот Исток.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс денеска изјави дека очекува наскоро да оди во Швајцарија на разговори со Иран, дури и откако Корпусот на Исламската револуционерна гарда ИРКГ на Техеран го прогласи теснецот за затворен.

Потегот на тврдокорната ИРГК се чини дека ги зголеми влоговите пред разговорите, бидејќи двете страни се обидуваат да го унапредат привремениот договор потпишан во среда од страна на американскиот претседател Доналд Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за ставање крај на нивната речиси четиримесечна војна.

ИРГК ги предупреди бродовите да не се приближуваат до водниот пат, витален канал за глобални испораки на нафта и гас, наведувајќи ги она што ги нарече израелски „злосторства“ во Либан и прекршување на обврските на САД за воспоставување прекин на огнот. Таа рече дека безбедноста на бродовите би била во опасност ако се приближат до теснецот.

Претходно, „Фокс њуз“ емитуваше интервју со Венс во кое тој рече дека е уверен дека прекинот на огнот договорен во договорот од 14 точки на Вашингтон со Техеран ќе се почитува и дека ​не видел докази дека теснецот е затворен.

„Очекувам дека ќе заминам некаде во следните неколку дена, но знаете дека секогаш е деликатна координација и дипломатски протоколи“, рече Венс.

Тој додаде дека американските преговарачи Џаред Кушнер и Стив Виткоф биле во Швајцарија „неколку часа, справувајќи се со некои од техничките елементи на овие преговори“.

„Моето разбирање, од разговорот со Џаред и Стив утрово, е дека работите одат добро“, додаде тој.

Иранското министерство за надворешни работи соопшти дека неговите преговарачи ќе заминат за Швајцарија подоцна во текот на денот. Еден од условите за започнување на 60-дневните американско-ирански разговори за нуклеарната програма на Техеран и други прашања е прекин на борбите во Либан.

Сепак, Либанската цивилна одбрана соопшти дека 16 лица биле убиени во израелските напади во Либан во саботата, неколку часа откако стапи на сила примирјето таму. Израел соопшти дека реагирал на нападите од Хезболах, додека групата поддржана од Иран изјави дека нема да му дозволи на Израел „слобода на движење“ во Либан.