По речиси 25 години постоење на македонската медиумска сцена, згаснува Радио Слободна Европа (РСЕ) на македонски јазик.
Четврт век, медиумот постоеше во земјава со свои радиоемисии, телевизиски интервјуа, онлајн продукција на анализи, стории, истражувања.
Причината за неговото згаснување е од финансиска природа. РСЕ е независна медиумска компанија, која добива грант од американскиот Конгрес.
„Сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“, изјави претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус, објавувајќи го затворањето на македонскиот сервис, како и на паштунскиот сервис Радио Машал.
Двете редакции ќе престанат да емитуваат програма на 31 март 2026 година.
Претходно, оваа медиумска куќа донесе одлука за затворање и на сервисите во Бугарија, Романија. И тие прекинуваат со емитување на 31 март. Во декември минатата година беше затворен и унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа, како и бирото во Црна Гора.
Мисијата на овој медиум, кон која се држеше изминативе 25 години и во Македонија, е да промовира демократски вредности и институции и да ги унапредува човековите права со известување и вести во земји каде што слободното новинарство е попречувано од владата или не е целосно воспоставено.
За првпат, на македонски јазик, РСЕ емитуваше програма на 1 септември 2001 година, со зборовите: „Зборува Радио Слободна Европа – програма на македонски јазик.“
Слобода, објективност и професионалност се вредностите што ги споделуваа сите вработени и провејуваа низ сите медиумски производи. Редакцијата ѝ понуди на публиката содржини кои беа препознавани како релеватни, објективни и независни.
Затворањето на македонската редакција остава празнина во јавниот простор и е сигнал колку е кревок медиумскиот плурализам. Со оваа одлука, Северна Македонија останува без уште еден меѓународен информативен сервис, што дополнително ја ограничува достапноста на независни информации во време на растечка политичка и економска нестабилност.
Иако од 1 април 2026, повеќе нема да емитува на македонски јазик, наследството на Радио Слободна Европа останува — борба за вистина, транспарентност и слободно новинарство.
Неговото згаснување останува како потсетник дека медиумската независност не е трајно дадена, туку треба постојано да се заслужува и брани.



