Полициски специјалци на терен вршат претреси во Скопје, Штип, Струмица и Грчец. Според до сега споделените информации во јавноста станува збор за акција на Министерството за внатрешни работи заедно со Бирото за јавна безбедност и Одделот за организиран криминал, во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал. Тие се во потрага по нелегална трговија со дрога.
Според информациите, на удар е организирана криминална мрежа поврзана со нелегална трговија со кокаин. Беа извршени претреси на околу 15 локации, при што се приведени седум луѓе од кои четири жители на Струмица, двајца од Скопје и еден од Штип.
Полицијата при акцијата ја конфискувала пронајдената дрога, пиштол и муниција како и седум автомобили и телефони. Од МВР велат дека доказите ќе бидат доставени на вештачење, а осомничените ќе бидат спроведени пред судија на претходна постапка, по поднесувањето на кривична пријава до Обвинителството за нелегална трговија со дрога.
Според последната оценка на Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC), Македонија е на 18-то место од 44 држави во Европа, а на 103 место меѓу 193 анализирани земји во светот по делување во организиран криминал.
Според извештајот, во Македонија делуваат повеќе криминални мрежи, кои се најактивни во трговијата со дрога. Нивните операции се концентрирани во Скопје, Тетово, Куманово, Велес и Штип. Некои од групите користат високо ниво на насилство и заплашување, а дел од нив, како што наведуваат авторите, имаат политичка заштита која им го олеснува работењето.
Извештајот ја идентификува Северна Македонија како значајна транзитна точка за хероин на рутите што го поврзуваат Авганистан со Западна Европа преку Турција и Балканот.
Во него е посочена „добрата соработка“ на македонските криминалци со криминални актери од регионот и Турција, но и со меѓународни мрежи како руската и италијанската мафија.
Домашниот пазар на хероин е мал, но локацијата на земјата ја прави важен дел од регионалниот синџир на снабдување. Обемот на заплени варира, што, според експертите, укажува на промени во трговските рути и конкуренција меѓу групите.
Слична е состојбата со кокаинот – пазарот е консолидиран и вклучува групи со директни врски со картели- добавувачи од Јужна Америка. Иако имаше полициски акции што разбија дел од мрежите, Северна Македонија и понатаму важи за транзитна точка.
Во извештајот се наведува дека судирите меѓу ривалски групи довеле до насилни инциденти, особено во скопскиот регион.
Канабисот останува еден од најголемите проблеми. Авторите предупредуваат дека дел од компаниите со лиценца за медицински канабис се вмешани во нелегална трговија, користејќи ги празнините во законите.
„Корупцијата дополнително ги комплицира напорите за надзор, а Северна Македонија останува клучна транзитна земја за пратки канабис од Албанија до европските пазари. И покрај засилените мерки за спроведување, пазарот на канабис продолжува да расте, што им користи и на домашните и на странските актери“, заклучуваат авторите на извештајот.


