Пораки за регионална соработка и добрососедска политика

Објавено:

„Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и дипломатски односи. Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка“. Ваква порака испрати претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за време на неговата официјална посета на Скопје, на 31 март.

Шефот на црногорската држава рече дека двете држави ги поврзува и длабоката историска блискост која, како што додаде, е потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.

Милатовиќ нагласи дека посебно место зазема европската перспектива на двете држави и истакна дека Црна Гора силно го поддржува европскиот пат земјата. 

„Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Имаме цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон, туку и реалност“, рече Милатовиќ. 

Претседателката Сиљановска-Давкова, се согласи дека заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а според неа самитот „ЕУ – Западен Балкан“, што ќе се одржи во Црна Гора е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност. 

 „Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е и право и дека меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ“, истакна Сиљановска Давкова.

Gordana Siljanovska photo-pretsedatel na RSM

Во однос на билатералните односи двајцата лидери се согласиле дека се извонреден пример на регионало добрососедство, добар пример на соработка и внатре во рамките на НАТО.

„Она што за двајцата беше ново е потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу младинските совети и очекувам овој меморандум да внесе свежина и креативност во нашите односи“, рече Сиљановска-Давкова.

Инаку билатералните односи меѓу Северна Македонија и Црна Гора се традиционално пријателски и стабилни, без отворени политички прашања. Двете држави соработуваат активно на политичко, економско и културно ниво, како и во рамки на регионалните иницијативи на Западен Балкан.

Посебен акцент има евроатлантската интеграција, бидејќи и двете земји се членки на НАТО и имаат заедничка цел за напредок кон членство во Европската Унија.

Економската соработка постепено се развива, со потенцијал за зголемување на трговската размена, туризмот и инфраструктурното поврзување. Добра соработка има и во областа на образованието, културата и меѓусебната поддршка на меѓународен план.