Притвор за жител на Росоман кој ја уби мајка си на спиење

Објавено:

Судот одобри 30 дена притвор за 27 годишен жител на Росоман, кавадарчко кој утрото на 30 март, во семејната куќа, ја убил мајка си додека спиела и сам се пријавил во полиција.

Сторителот е осомничен за убиство за кое е предвидено казна од десет години до доживотен затвор.

„Осомничениот со умисла, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената мајка. Додеката жената спиела во една од собите, тој ја прободел со кујнски нож во вратот, нанесувајќи ѝ смртоносни повреди“, соопшти Обвинителството.

Обвинител побарал обдукција на починатата 54 годишна жена, а за убиецот е побарано психијатриско вештачење.

Портпаролката на СВР Велес Ана Милевска-Ѓеоргиева изјави дека на убиството му претходеле нарушени семејни односи.

Во полицискиот билтен е заведено дека на 14 август 2023, таткото на убиецот пријавил дека синот ги нападнал него и сопругата во нивниот дом каде живееле сите тројца, агресивно се однесувал и кршел предмети. По интервенција на полицијата тој бил пренесено во кавадаречката болница, а следниот ден по нивно барање бил упатен на лечење во Психијатриска болница – Негорци.

Во меѓувреме, таткото ја повлекол изјавата за семејно насилство извршено од синот.

Викендот на 28 и 29 март, полицијата приведе седум лица од во Скопје, Кавадарци, Струмица Охрид и Гостивар поради семејно насилство.

На подрачјето на Скопје, полицијата лишила од слобода три лица. Во два случаи станува збор за меѓусебни пресметки и физички напади во кои учествувале свекрви и снаи. Скопјанка (46) била приведена по пријава за напад со тврд предмет врз врз својата 27 годишна ќерка.

Во скопско Драчево бил приведен и З.Л (56) поради физички напад врз неговата сопруга.

Во Кавадарци биле приведени две машки лица. Во едниот случај, С.Ј (48) физички го нападнал и му се заканувал на својот 74 годишен татко. Во вториот случај, Ѓ.И (40- бил лишен од слобода откако физички ја нападнал и ѝ се заканувал на поранешната сопруга во неговиот дом.

Во Струмица, Ф.К (27) бил приведен поради напад врз сопругата. Во Гостивар 30 годишна жена ја нападнала 73 годишна свекрва, според соопштението од МВР.

Во Охрид, 41 годишна жена опријавила дека била физички нападната од нејзиниот партнер.

Во 2025 година скопската полиција покренала 224 кривични пријави за семејно насилство од кои 54 биле спроведени по брза постапка. Притоа биле изречени 17 притвори.